Фото архива

Хигиената во голем дел од автобусите вклучени во јавниот градски превоз не е на завидно ниво, особено во возилата на приватните превозници. Загрижува фактот дека во најголем дел внатрешноста на приватните автобуси не се дезинфицира и никој не ги контролира дали воопшто користат какво било дезинфекциско средство, ниту, пак, се редовно задолжени да го прават тоа, освен во услови на закана од епидемии. Токму поради тоа зимава автобусите можат да бидат совршено место за ширење бактерии и вирози. Од јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ тврдат дека во нивните возила секојдневно се врши внатрешна дезинфекција преку таканаречената дневна нега, што подразбира чистење и миење на возилата со еколошки средства, кои содржат и средство за дезинфекција. Приватните превозници, пак, „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ кажуваат дека хигиената на возилата им е препуштена на возачите и сопствениците и велат дека паметат дека пред неколку години, по налог на инспекцијата, морале да користат дезинфекциско средство, но сега не е така. За редовна контрола на автобусите во јавниот градски превоз не се обврзани ниту одговорни од Здравствениот санитарен инспекторат и оттаму не знаат дали можеби превозниците се обврзани со некој друг закон.

– Во нашиот Закон за здравствена заштита средствата на јавниот градски превоз мора да подлежат на дезинфекција и дератизација по епидемиолошка анкета. Во спротивно, немаме обврска. Возилата во меѓународниот сообраќај подлежат во случаи кога се превезуваат лица од ризични области, како што тоа е случај кога се превезуваат аџиите. Ние со закон треба да бидеме обврзани, за да можеме да ги контролираме и санкционираме автобусите од јавниот градски превоз. Но ако тие не се обврзани со некој друг закон, тогаш ќе поддржиме иницирање на промени во законот – вели д-р Ирена Бухова, директорка на државниот здравствен инспекторат.

Оттаму додаваат дека дезинфицирањето на автобусите не треба да се прави само во услови на епидемиски закани.

– Валкани се, и тоа многу се валкани некои од приватните автобуси, и не само што не се внатрешно исчистени туку сигурно не се ниту дезинфицирани. Некои автобуси се навистина потенцијални места за ширење зарази, особено сега, зимава, кога се шират вирози, а следуваат и месеците кога грипот зема замав. Патем, имаме загаден воздух и се препорачува користење на јавен превоз. Мора да се подигне прагот на хигиената во автобусите и да се бара задолжителна дезинфекција во нив – вели скопјанката Мирјана Николова.

Од ЈСП „Скопје“ се децидни дека нивните возила секојдневно се третирани со соодветни средства.

– Да, внатрешна дезинфекција на автобусите се врши секојдневно, преку таканаречената дневна нега (чистење, миење) на возилата. Возилата се третираат со соодветни еколошки средства што имаат дезинфекциско својство. Секое возило, пред да се пушти во сообраќај, е подложно на дневна нега. ЈСП Скопје врши и вонредна дезинфекција во одредени ситуации, односно законски е обврзано да врши вонредна дезинфекција по налог на Институтот за јавно здравје во случај на прогласена епидемија. Во таква ситуација, освен вообичаената дневна нега со дезинфекциски средства, за чистење и дезинфекција се користи и „дезинтал“ 10 отсто. Последен пат, вонредна дезинфекција е вршена пред околу две години, кога беше прогласена епидемија на грип – објаснуваат од ЈСП „Скопје“.

Но не е така со автобусите на приватните превозници, бидејќи на возачите е оставено да се грижат за хигиената во автобусите и секој сам индивидуално решава дали и колку ќе го исчисти возилото внатре или однадвор. Она што загрижува е фактот дека многумина користат само обични средства за хигиена, но не и средства за дезинфекција, кои многу се потребни за заштита на патниците од заразни болести.

Никој ниту ги задолжил, ниту пак ги контролира дали извршиле внатрешна дезинфекција.

– Се прави повремена дезинфекција кога се чистат автобусите. На времето беше задолжително да се користи едно препорачано дезинфекциско средство, со кое мораше внатрешно да се премачкаат возилата. Ама тоа се правеше по дадена препорака, а сега се одржува хигиената колку може. Ние тоа не го контролираме, а би требало еднаш дневно автобусот да биде исчистен, тоа индивидуално го прави возачот. Едно време имаше некои контроли по таа основа, дали е возилото дезинфицирано. Но тешко е тоа да се контролира и сега нема контроли како порано.

Возачите се обврзани да ја одржуваат хигиената, но не со некое посебно посочено или препорачано средство за дезинфекција – вели Ленин Јовановски, директор на приватното претпријатие „Слобода превоз“.

Без контрола се и возачите од приватното претпријатие „Макекспрес“, ниту пак имаат налог за редовна дезинфекција од некоја институција, признаваат од претпријатието.

– Сѐ се сведува само на тековното одржување на хигиената, а ние често притискаме на дел од возачите што се малку немарни. Малкумина имаме такви што не водат сметка за хигиената. Оние, пак, што сами го прават тоа користат само обични средства за хигиена, но не и дезинфекциски средства – вели Војо Велевски, еден од основачите на „Макекспрес“.