Оние што не можат да платат онлајн, избираат плаќање на шалтер Фото: Маја Јаневска-Илиева

За плаќањето сметки во банките износот на провизиите достигна и 45 денари, како на пример за сметките за парно. Токму поради тоа најголем дел од повозрасната популација што е навикната да плаќа по шалтери се пресели во поштите, каде што сега исто така се плаќа провизија, па оттаму граѓаните бараат отворање на што повеќе наплатни пунктови на услужните претпријатија

Голем дел граѓаните што се навикнале или морале да си ги плаќаат сметките за струја, вода или парно во банките се откажаа од нив поради провизиите што им ги наплаќаат. Во различни банки износот на провизиите достигна и 45 денари, како на пример за сметките за парно. Токму поради тоа, голем дел од повозрасната популација се пресели во поштите, каде што за која било сметка не се наплатуваше провизија. Редовите за плаќање сметки од банките се преселија во поштите, но некаде од средината на летово граѓаните повторно реагираат дека и таму се наплатува провизија од 15 денари.
Сето ова, но и неподносливите летни горештини, предизвика негодување меѓу граѓаните, кои овој пат поставуваат прашање зошто услужните претпријатија, како што се ЈП „Водовод и канализација“, „Балкан енерџи груп“ или ЕВН не отвораат повеќе пунктови по населбите или општините, за да им бидат што поблиску до местото на живеење. Голем дел повозрасни граѓани, но и некои помлади не можат или не сакаат да плаќаат онлајн. На други, пак, плаќањето преку траен налог исто така не им е блиско, па токму затоа сакаат сметките да си ги плаќаат на шалтер. Велат дека така им е попрегледно, отколку потоа да пресметуваат што им е наплатено. Вакви наплатни пунктови некои од услужните претпријатија имаат, а некои од нив ги затворија.

Така, на пример, топлификација „Скопје Север“ имаше наплатен пункт и во истоимената населба, но откако се намали бројот на корисници, претпријатието го затвори. Неодамна и ЈП „Водовод и канализација“ го затвори пунктот во Сарај, па сега корисниците мораат да патуваат за наплата на сметките до дирекцијата на „Водовод“ или, пак, да ги плаќаат во банки и пошти. И ЕВН има само неколку наплатни пункта, а скопјани велат дека и таму навистина е преголем метежот. Чекаат сите што, освен плаќањето, мораат да решат и други проблеми.

Токму поради тоа некои граѓани сметаат дека треба да има повеќе наплатни пунктови. А најголем дел услужни претпријатија го промовираат онлајн-плаќањето, како и плаќање преку траен налог. Но некои од банките на пример и за плаќањето сметки преку интернет-банка исто така наплатуваат провизија.

– ЕВН веќе неколку години по ред промовира алтернативни канали за плаќање на фактурата за потрошена електрична енергија. На задната страница од фактурата се наведени неколку начини на плаќање, односно: преку траен налог, онлајн-плаќање 24/7, преку електронско банкарство, во пошта и банки, наплатните места на ЕВН и банкоматите на НЛБ банка. Со оглед на тоа што во последните неколку месеци некои од банките и поштите повторно ја наплаќаат провизијата за плаќање на сметките за потрошена електрична енергија, нашите корисници можат да ги користат постојните услуги за плаќање, со што ќе ги избегнат редовите на чекање на шалтер, а истовремено нема да плаќаат провизија. Овие опции се: преку траен налог, онлајн-плаќање, преку мобилната апликација „емВолет“, која може да ја преземат од Плеј стори или иСтори, и на терминалите за плаќање поставени во инфоцентарот во ГТЦ-Скопје и другите кориснички енергоцентри низ земјава.

Во врска со онлајн-плаќањето, корисниците на ЕВН може да најдат детални информации и упатство за регистрирање и плаќање на самата фактура на втората страна и, секако, на веб страницата на ЕВН.
– Платен промет не е суштинска дејност на компанијата и затоа се креираат и промовираат алтернативни канали за плаќање на фактурите – објасни Aтанас Ковачевски од Одделот за комуникации во ЕВН.

Нема многу наплатни пунктови ниту БЕГ, најголемата компанија за дистрибуција на топлинска енергија, па оние што не можат да стигнат до нив плаќаат сметки или во банките или во поштите низ градов.

– Снабдување со топлина „Балкан енерџи“ ДООЕЛ – Скопје има три наплатни пункта во кои се врши плаќање на сметките (фактурите) за топлинска енергија – наплатен пункт „Запад“, кој се наоѓа на улицата Лондонска број 8, наплатен пункт „Центар“ на булеварот Кочо Рацин број 33, кај Олимписки базен, и уште еден наплатен пункт „Исток“, кој се наоѓа на улицата Јане Сандански број 49. Доколку сметките за топлинска енергија се плаќаат во наплатните пунктови или преку услугата електронско плаќање на веб-страницата на снабдување со топлина „Балкан Енерџи“ ДООЕЛ, потрошувачите не плаќаат провизија -посочуваат од БЕГ.
Во моментов „Водовод“ е единственото претпријатие што нема ниту еден наплатен пункт, па граѓаните сметките за вода можат да ги плаќаат исклучиво во неговата дирекцијата или, пак, во банка и во пошта.

– Токму во оваа насока, за да се скратат трошоците и за да им се олесни на граѓаните, да не плаќаат провизии во банките, граѓаните имаат можност да платат електронски на веб-страницата на „Водовод“ без никаква провизија и на лесен начин од својот дом. ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје моментално има пункт за наплата во општината Сарај, кој е привремено недостапен, поради селидба во нови простории – рекоа од ЈП „Водовод и канализација“.