Фрлањето ѓубре во фонтаните е многу голем проблем за надлежните / Фото: Игор Бансколиев

Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје повикува на одговорност од страна на граѓаните во однос на фрлањето на отпадот во фонтаните и на сите површини што не се наменети за отпад. Да покажеме висок степен на одговорност и да ја чуваме животната средина и отпадот да го фрламе на соодветно место, апелираа и замолија за одговорно однесување од водоводното претпријатие

Фонтаните во централното градско подрачје веќе се исклучени, затворени и конзервирани до почетокот на пролетта кога повторно ќе бидат пуштени во употреба. Додека беа во функција, фонтаните секојдневно се одржуваа за да го разубавуваат градот.
Меѓутоа сега откако се исклучени и покриени ќе почнат поголемите проблеми за јавното претпријатие „Водовод и канализација“, бидејќи фонтаните ќе станат канти за отпадоци за несовесните граѓани.
Во зимскиот период речиси секоја година ги има стандардните проблеми за надлежните. Фонтаните не се полни само со отпадоци туку и со догорчиња, а честопати во нив можат да се видат и поголеми отпадоци како кутии, столчиња и друг мебел.
Граѓаните велат дека во летниот период, за разлика од зимскиот, фонтаните навистина го разубавуваат градот, но сега, иако покриени, конзервирани и исклучени ќе бидат само уште една локација за оние што не сакаат своите отпадоци да ги фрлат во канта за ѓубре.
– Така е секоја година и не гледам зошто годинава би било поинаку. Такви сме, таква ни е културата. Јас лично најразочаран сум од фонтаната „Лотос“ во Градскиот парк. Тука може да најдете сѐ и сешто. Од остатоци од храна, па до ќесиња и поголеми кутии. Ние пријавуваме редовно, но залудно е. Надлежните ќе ги исчистат, но повторно по некое време повторно се полнат со дупки. Донекаде и ќе разберам да нема канти за отпадоци, но во Градскиот парк навистина има канти на секој чекор и мизерно е ова што самите на себе си го правиме – вели Јован Живковски.

Според него, освен ѓубрето, дополнителен проблем е оштетувањето и шарањето на фонтаните, особено на онаа во паркот.
– Оваа фонтана е симбол на Скопје, на паркот… не знам зошто некому му пречи, за до тој степен постојано да ја шараат, кршат и оштетуваат. И не е само оваа фонтана. Ваква е сликата речиси насекаде низ градот. Надлежните имаат сериозен проблем со несовесни граѓани и за тоа мора да се најде решение – вели тој.
Надлежните од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ велат дека фрлањето ѓубре во фонтаните е доста голем проблем за претпријатието.
– ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје повикува на одговорност од страна на граѓаните во однос на фрлањето на отпадот во фонтаните и на сите површини што не се наменети за отпад. Да покажеме одговорност и да ја чуваме животната средина и отпадот да го фрламе на соодветно место – информираат оттаму.
Од претпријатието додаваат дека, за среќа, досега немаат забележано големи материјални штети на фонтаните што се под нивна надлежност.
– Претпријатието досега нема поднесено поголеми штети во рамките на своите надлежности за фонтаните, освен редовните активности за одржување на доводните и одводните системи и електричните инсталации во истите тие – велат надлежните.
Оттаму додаваа дека украсните фонтани во Центар, фонтаната на градскиот плоштад „Воин на коњ“, фонтаните „Филип Втори“, „Олимпија“, „Коњи“ и „Лавови“, фонтаната „Мост – око“, фонтаната „Прометеј“ во Жена-парк, фонтаните „Св. Богородица“, „Св. Петар и Павле“ и „Св.Никола“ се затворени и конзервирани. Фонтаната „Лотос“, во Градски парк, исто така, е затворена.

– Фонтаните што се во надлежност на општините не се во надлежност на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје и истите тие се пуштаат во употреба и се гасат во согласност со одлуките на општините. Пред пуштање и гасење на фонтаните и на чешмите за вода за пиење, кои се под наша надлежност, се прегледуваат за техничка исправност и во согласност со сите правила и прописи се пуштаат или се гасат од употреба – велат од „Водовод и канализација“.

[email protected]