Над 60 000 граѓани од земјава и од странство ја дочекаа Новата 2020 година во главниот град на плоштадот „Македонија“ со балканскиот пејач Дино Мерлин.

Веселата атмосфера со пеењето на неговите хитови на новогодишната ноќ дополнително ја кренаа сценските ласери и повеќеминутниот огномет со кои се означи почетокот на новата година. Граѓаните во весело расположение си посакаа многу среќа, добро здравје и успеси во Новата 2020 година.

Новогодишната забава во срцето на Скопје вчеравечер почна уште во 20:30 часот со настапот на музичките групи „Gypsy Groove“ и „Суперхикс“, кои ја загрејаа атмосферата во студената новогодишна ноќ и го најавија новогодишното шоу на Дино Мерлин.

Плоштадот „Македонија“ изминатиов месец беше центар на новогодишните и Божиќните празнувања во Скопје, а граѓаните имаа можност да ја почувствуваат празничната магија и да уживаат во најразновидна забавна програма. Најголем интерес кај посетителите побуди дигиталната новогодишна елка, како и новогодишните куќички на населбата „Винтерленд“ кои беа сместени на плочникот меѓу ГТЦ и плоштадот. Во близина на куќичките имаше и мала сцена на која секојдневно се организираа настани и концерти наменети за различни возрасти.