Над 500 ученици од триесетина основни училишта од Скопје и од околината учествуваа на познатата „Ролер трка 2019“ што беше организирана денеска на булеварот „Илинден“. На Ролеријадата беа доделени по три награди за најуспешните учесници во машка и во женска категорија.

Учесниците тргнаа од пред фонтаната „Лотосов цвет“ и возеа по булеварот „Илинден“ до раскрсницата со улицата „Никола Тесла“, а потоа повторно назад до целта.

– Мило ми е што Детскиот културен центар веќе осум години по ред ја организира оваа Ролеријада, манифестација во која учествуваат ученици од повеќе од 30 основни училишта од Скопје и околината. Градот Скопје го стимулира спортскиот начин на живеење, а различниот начин на движење го практикувам и јас самиот. Во трката треба да победат најдобрите – рече градоначалникот Шилегов на отворањето на трката.

Годинешните победници се Лана Нацев од ОУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ во женска конкуренција и Алексеј Нелепа од ОУ „Љубен Лапе“ во машка конкуренција.