Околу 4.000 луѓе денеска на Плоштадот „Македонија“ се придружија на обидот за поставување нов Гинисов рекорд за најголема новогодишна елка во светот направена од луѓе.

-Благодарност до сите граѓани, сите скопјани, што земаа учество во оваа предновогодишна манифестација. Направени се снимките, тие ќе бидат испратени и деновиве ќе очекуваме известување дали е соборен Гинисовиот рекорд. Ние очекувавме околу 5.500 луѓе, не успеавме да ја доловиме таа бројка, но имаше околу 4.000 луѓе што е блиску до рекордот од 4.030 учесници и треба да почекаме официјално да видиме дали е срушен рекордот. Верувам дека доколку ова биде рекорд, на сите што беа учесници ќе им претставува убав спомен во нивните животи – изјави градоначалникот Петре Шилегов.

Најголемата елка од луѓе според Гинис е направена во Индија, во 2015 година, со 4.030 учесници.

Настанот беше проследен со музичко-забавна програма со Бени Шаќири и Нон стоп.