Фото: Игор Бансколиев

Целта на подвозниците и надвозниците секаде во светот е да овозможат побрз, полесен и пред сѐ побезбеден пристап на граѓаните до одредена дестинација, наместо да се претрчува и преминува преку фреквентни сообраќајници на недозволени места или кому каде ќе му текне. Сепак има редица примери каде што ваквите градби во нашата метропола на се користат за тоа за што се наменети. Или, што е уште потрагично, воопшто не се ни користат.

Лошата хигиена, несигурноста, неосветленоста, но пред сѐ недоволната сообраќајна свест на пешаците се само дел од причините поради кои се избегнуваат подземните и надземните пешачки премини во градот. Доколку тие не се користат, се губи нивната функционалност и се поставува прашањето зошто воопшто се поставени.

Според сообраќајните експерти, подвозниците и надвозниците се потребни во секој град. Тие овозможуваат дооформување на примарната сообраќајна мрежа, чија цел е да направи непречен проток низ градот. Градот Скопје има проблем со пренаселеност и со голем број возила. Зачести времето за чекањето на пешачките премини и семафорите, потребата за олеснување на сообраќајната мрежа е неминовна за град како Скопје, затоа ваквите градби се потребни.

Но иако постојат надвозници и подвозници, граѓаните ги избегнуваат за употреба. Некои од нив се нефункционални и нехигиенски. Еден таков надвозник е „Влајко“ во Влае. Предвидениот проект бараше голема инвестиција, околу милион евра за негова реализација а сега граѓаните не го користат.
– Мостот „Влајко“ е во функционална состојба а во него општина Карпош има работни простории. Наша интенција е токму поради безбедноста да го користат што повеќе граѓани. Инаку, се разбира дека службените простории ги одржуваат хигиеничарите на општината – велат од општина Карпош.

Други надвозници што граѓаните не ги користат се надвозникот спроти „Бит-пазар“ и надвозникот кај основното училиште „Лирија“. Граѓаните велат дека се нефункционални и несанитарни. Наместо на тротоари и надвозници, граѓаните се движат по улица и по нелегални премини. Во минатите години имаше сообраќајки на нелегалните премини, во кои луѓе го загубија животот, но, како што велат граѓаните, тие минуваат така затоа што немаат избор. Надвозникот кај училиштето е монтажен и неговата изградба беше наменета за учениците од училиштето. Според изјавите од граѓаните, тој едноставно не се користи, што нѐ наведува на тоа дека не постојат свест и култура дека треба да се користи. На граѓаните полесно им е да поминат под него и да запираат автомобили со рака. За подвозникот во Автокоманда, кај училиштето АСУЦ, никој не се грижи за чистотата, целосно е запоставен. Надвозникот спроти хотелот „Континентал“ претставува најбрзиот начин за студентите што сакаат да стигнат до факултетот ПМФ, но и за него сликата е лоша. Според граѓаните, тој е небезбеден и нема соодветно осветлување. Во подвозникот кај ТЦ „Скопјанка“ поголем дел дуќани се затворени и воопшто не се користат. Може да се забележи како повеќето пешаци се одлучуваат да поминуваат преку зеленилото во жардиниерите отколку да се спуштат во подвозникот за да го преминат булеварот Јане Сандански.

Може да се забележи и дека нема доволна грижа за надвозниците и подвозниците за одржување на хигиената и нивната функционалност. Сепак, поголем дел од причините зошто тие не се користат може да се припише и на непочитување на сообраќајните правила од страна на пешаците и недоволна сообраќајна свест. Со непочитувањето на правилата во сообраќајот и претрчувањето на булевар или жардиниери, граѓаните освен што си го ризикуваат сопствениот живот, според закон можат да заработат казна од 25 евра.

– На главните булевари на Скопје има неколку подземни сообраќајници, каде што, за жал, несовесни граѓани придонесуваат за низок степен на хигиена и покрај нашите напори за нивно чистење и апели да не се фрла отпад во нив. Од аспект на нивната искористеност, повторно, градот Скопје ги има изградено за зголемување на безбедноста на пешаците и апелира тие да се користат, а не да се претрчува на необележени диви патеки на булеварите – велат од градот Скопје.

[email protected]