Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, ги додели наградите на најдобриот пожарникар, полициски службеник и крводарител во Скопје за 2020 година.
– Скопје е град на солидарноста и ние ја чуваме таа традиција, а хуманоста и солидарноста стана дел од нашите животи, од начинот на живеење на скопјани. Во овие тешки времиња, особено тешки животни услови и ситуации предизвикани од ковид-19, не можеме да ги заборавиме оние што се истакнале со својата хуманост преку своите дела. Се надевам дека овие награди ќе бидат мотив за добитниците, за нивни колеги, како и за сите нас, како колеги и граѓани да бидеме похумани и посолидарни и да се обидеме да помогнеме секогаш кога можеме, кога некому ќе му биде потребна помош – рече Шилегов.

За своите заслуги во работењето и за својата пожртвуваност награди добија Никола Мајнов, пожарникар спасител во Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, најдобар пожарникар за 2020 година; Дарко Јовановски, вработен во Полициската станица од општа надлежност – Гази Баба, кој ја добива наградата за најдобар полициски службеник. И Звонко Васев, истакнат крводарител што ја потврдил својата хуманост со 89 дарувања крв, кој ја доби наградата за крводарител на годината.