Фото: Игор Бансколиев

Сите учесници во сообраќајот имаат одредена одговорност кога управуваат со какво било моторно возило, а мотоциклистите спаѓаат во групата учесници што се изложени на најмногу опасности

Пред неколку дена, на една од скопските улици, се случи сообраќајна несреќа во која мотоциклист удри во автомобил што се обиде да сврти полукружно преку две полни сообраќајни линии. Несреќата предизвика многу големи реакции во јавноста, поради директното непочитување на основните сообраќајни правила на возачот на автомобилот, а патем и ги загрози животот и безбедноста на другите учесници на патиштата.

Овој случај може да се земе како пример за тоа дека во главниот град безбедноста на патиштата е сериозно загрозена и бројот на сообраќајни незгоди е навистина голем, најчесто поради ниската свест на учесниците во сообраќајот. Сите учесници во сообраќајот имаат одредена одговорност кога управуваат со какво било моторно возило, а мотоциклистите спаѓаат во групата учесници што се изложени на најмногу опасности и ризици. Законите во Македонија ги обврзуваат мотоциклистите задолжително да носат заштитен шлем, а доколку имаат сопатник, и тој мора да го стори истото тоа.

Другата заштитна опрема се состои заштитна јакна, ракавици, панталони и друга опрема што е неопходна за да се зголеми безбедноста. Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (РСБСП) има објавено листа со која ги потсетува мотоциклистите секогаш да носат заштитен шлем, да внимаваат на брзината, да ги користат трепкачите, да носат рефлектирачки елек и заштитна опрема, да избегнуваат мртви агли и да одржуваат растојание меѓу возилата. Сите совети се со намера да се зголемат безбедноста и сигурноста на улиците. Филип Ј. од Скопје смета дека мотоциклистите воопшто не се безбедни на скопските улици и дека мора да се направи нешто во врска со тоа.

– Јас возам мотор повеќе од 10 години. Досега не сум имал посериозни несреќи, но многу често се случува возачите со автомобили да ми пресечат пат или да воопшто да не ме забележат на патиштата. Мора да се направи нешто во врска со безбедноста на оние што се на две тркала во сообраќајот – вели тој. Но, вината не е само кај оние што возат автомобили. Постојат и голем број моторџии што често возат пребрзо за градски услови и не внимаваат на правилата за ограничување на брзината на патиштата. Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, секој возач на мотоцикл треба да ги знае и правилата што велат дека: за движење во група мотоциклите треба да бидат еден зад друг, возачот и лицата што се превезуваат со мотоцикл, мора задолжително да носат заштитен шлем на главата за време на возењето на патот.

Некои од другите правила инволвираат и начело за вклучување на јавен пат или на друга сообраќајна површина, кога мотоциклистот се вклучува во сообраќајот од гаража, двор или друга слична површина, ако видикот му е закриен со друго возило, објект или предмет или ако видливоста му е намалена возачот на мотоцикл треба да го направи тоа со туркање, а не со возење, па натаму начело за тоа дека возачот на мотоцикл не смее со мотоциклот со кој управува да преминува преку пешачки премини и пешачки патеки, а со тоа и да ја загрозува безбедноста на пешаците, возачот на мотоцикл не смее да превезува дете помало од 12 години и мотоциклистот е должен да управува со возилото на начин на кој не се намалува стабилноста на возилото и не се попречуваат другите учесници во сообраќајот, а особено не смее да ги симнува рацете од управувачот, да се придржува за друго возило, да превезува, влече или турка предмети што можат да го попречуваат во управувањето со возилото или да ги загрозуваат другите учесници во сообраќајот.

Голем дел од овие правила често се забораваат, па постанува на свеста на мотоциклистите да ги почитуваат пред сè за сопствена, но и туѓа безбедност. Пролетниот период и топлото и сончево време ги враќа мотоциклистите на скопските коловози. Неопходно е сите учесници во сообраќајот, а особено оние на две тркала да бидат внимателни и одговорни во сообраќајот, бидејќи и тие се како сите други, рамноправни учесници на патиштата.