Неколкукратното раскопување на сообраќајниците веќе им пречи на граѓаните Фото: Игор Бансколиев

Граѓаните се прашуваат дали е можно кога се градат или прошируваат некој булевар, улица или тротоар истовремено да се постават сите подземни инсталации за да не се копа повторно. Зошто ако веќе се поставуваат фекална или атмосферска канализација во исто време да не се постават и гасоводните цевки, за да не се копа пак кога гасот ќе се дистрибуира до домаќинствата?

Еден од забележливите проблеми со кои се соочуваат скопјани е раскопувањето на улиците и тоа неколкупати за поставување различни инсталации. Ако една улица еднаш е раскопана за поставување водоводни цевки, другпат се копа за да се постават некакви кабли, третпат за нешто трето. Раскопани улици и тротоари, нечистотија, прашина или кал се чeста скопска слика.
Раскопано е сега во центарот на градот пред Тутунска банка, а многумина се прашуваат зошто не се направи тоа во некои подобри временски услови и во период кога има помала фреквенција на луѓе. Други, пак, ја посочуваат улицата Илинденска, а до скоро беше раскопан пешачкиот дел со павер-елементи близу локалните маркети на булеварот Босна и Херцеговина. Граѓаните сѐ уште газат по кал за да дојдат до автобуската станица на линијата со бројот 57. На истиот простор останаа и купишта од павер-коцките.

Многупати фирмите што копаат делови од улици, иако имаат обврска да го вратат во првобитна состојба она што го раскопале, не го прават тоа. И бидејќи постојано е така, кога се преземаат вакви градежни активности на улиците и тротоарите, граѓаните се прашуваат дали има начин да се спасат од овој инфраструктурен хаос. Поставуваат прашање дали е можно кога се гради или проширува некој булевар истовремено да се постават сите подземни инсталации, за потоа да не се копа повторно. Ако веќе се поставуваат фекална или атмосферска канализација, зошто во исто време да не се постават и гасоводните цевки, па кога ќе дојде до дистрибуирањето на гасот до домаќинствата работите многу ќе се олеснат. Постојаното прекопување е проблематично и поради тоа што не постои подземен катастар, па поради тоа се случуваат инциденти во кои има прекин на постојни инсталации што предизвикува прекини или во снабдувањето со струја или со вода. На вакви примери честопати се жалат и жители на Аеродром.

– Многупати сме останале без вода, без струја или интернет само поради тоа што постојано нешто се копа во Аеродром. Дали од невнимание или затоа што немаат подземен катастар ќе удрат на некоја цевка или кабел и цел ден ќе останеме отсечени. Еднаш кога копаат нека постават сѐ што треба од цевки и кабли и повеќе нека не нѐ заморуваат со вакви работи – вели жителка од населбата Ново Лисиче.

Таа и многу други додаваат дека еднократното копање и поставување на сите можни кабли и цевки под земја ќе ги поштеди граѓаните од ваквите проблеми. Од градот, пак, тврдат дека во согласност со новиот план за работа, промовиран минатата година, веќе се координираат со сите приватни субјекти на тој начин што им го доставуваат планот за реконструкција на улиците и булеварите во текот на претстојната година. Целта е да се искористат градежните работи за вршење на сите потребни интервенции, па и за реконструкција и поставување инсталации.

Од градот ни изјавија дека по завршување на градежните работи нема да смее да се врши прекоп на соодветната улица во период од две години, освен за итни работи, како на пример дефект на водовод и слично.

– Сите инвеститори се должи да внимаваат и состојбите да ги враќаат во првобитната положба. Поради изградбата на булеварот Босна и Херцеговина, по целата должина се копа и се поставуваат сите потребни инсталации, додека во близината на локалниот маркет се вршат активности за изградба на гасоводна мрежа, а инсталации поставуваат и од ЕВН. На булеварот Илинден, во близината на крстосницата со улицата Љубљанска се извршени прекопи за изградба на водоводна и фекална канализација и тоа од вкрстувањето со Љубљанска до новите згради кон општината Центар. На улицата Кирил и Методиј, пак, прекопи вршат вработените од ЕВН – информираат од градот Скопје.

Ако градските власти тврдат дека две години една сообраќајница никој не ќе смее да ја раскопува, освен ако не станува збор за дефект на мрежа, тогаш ништо друго не им преостанува на граѓаните, освен да се надеваат дека ќе му се стави крај на неколкукратното раскопување на една иста улица и нема повеќе да газат по кал и прашина.