Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во пролетните и есенските денови вработените на ЈП „Паркови и зеленило“ многу често ги користат дувалките за лисја, за да можат полесно да ги соберат во еден куп.

Најчесто луѓето со зелени униформи може да се забележат во утринските часови во нашите локални паркови, како си ја завршуваат работната обврска со помош на овие уреди. Самото име на овие дувалки за лисја укажува дека тие се наменети за издувување на лисјата. Вработените од „Паркови“ги користат дувалките подолго време и тие многу им ја олеснуваат работата. Но некои од работниците се сетиле и на други инвентивни идеи за што друго може да се користат. Некому му текнало дека ако може со нив да се дуваат сувите лисја, зошто не би се издувала и насобраната прашина по пешачките патеки или од коловозите близу рабниците на тротоарите. Можеби и на вработениот од „Паркови“ му пречела насобраната прашина, како и на граѓаните.

Ако нивните колеги комуналци не стигнале да ги измијат улиците, зошто тогаш тие да не ја издуваат насобраната прашина. Дали таа ќе заврши врз некој од случајните минувачи, тоа е веќе друго прашање. А сосема легитимно е, пак, и прашањето дали може овие дувалки да ја издуваат сета нечистотија во градов што се насобрала и наталожила или можеби е потребно нешто повеќе од вакви уреди? Она што можеби е за поздравување е дека сепак нешто се работи и најважно е да нема ѓубре и прашина.

Секоја чест за оние што се трудат да направат нешто за да ја подобрат хигиената во градов, дури и кога мора да работат на отворено на овие тропски горештини.