Катанци на дуќаните на цели пасажи во ТЦ во Бутел - Фото: Игор Бансколиев

Трговски центри со затворени дуќани – дел се и сопственост на општините

Малите шопинг-центри по населбите беа градени некаде во деведесеттите години, кога дуќаните беа полни со заинтересирани купувачи. Сега многу од тие дуќани се затворени, запуштени, со искршен инвентар и стакла. Во голем дел од овие трговски центри животот одамна е згаснат. Некои од дуќаните се сопственост на општините и би можеле паметно да се искористат

Трговски центри по скопските населби главно се запуштени и празни и често се цел на вандали и крадци. Малите шопинг-центри беа градени некаде во деведесеттите години, кога дуќаните беа полни со заинтересирани купувачи за производите што се нудеа. Сега многу од тие дуќани се затворени, запуштени со искршен инвентар и стакла. Во голем дел од овие трговски центри животот одамна е згаснат, а оние дуќанџии што работат секојдневно се борат да опстојат и да не затворат како што го направиле тоа нивните соседи. Затворени се некои од дуќаните во трговскиот центар „Скопјанка“, речиси голем дел од горниот кат во „Буњаковец“, потоа најголем дел од дуќаните во подрумскиот дел во „Мавровка“… Приземјето на овој комплекс е колку-толку во функција, а најголема фреквенција има од студентите што доаѓаат од факултетите, кои се наоѓаат од другата страна на улицата. Најмногу работа имаат кафулињата.

Не цветаат рози ниту во трговскиот центар „Алуминка“ во Карпош. Цели пасажи се затворени во трговскиот во општината Бутел кај зелениот пазар, повеќето во трговскиот центар во населбите Скопје Север, Топанско Поле и многу други. Овие шопинг-центри не ја загубија само битката за опстанок поради лошото економско работење, туку и поради тоа што не можат да бидат атрактивни како големите и модерни шопинг-центри во кои луѓето навикнаа да пазаруваат. Малите бутици и продавници се затворени токму поради ниската фреквенција на луѓе што ги посетуваат. На влезните врати на најголем број од некогашните дуќани сега има катанци на вратите, искршени излози и темни ходници. На некои од дуќаните има објави дека се издаваат под кирија, но никој не се јавува да ги изнајми. Просторот во најголем дел од овие трговски центри е неискористен, иако општините како сопственици на дел од него можеби би можеле да го пренаменат за потребите на граѓаните. Колку од тој простор е општински, а колку приватен е сосема друго прашање.

– Деведесет отсто од дуќаните во трговските центри на општината Бутел се приватни, а многу малку од просторот е на општината. Најголем дел од општинскиот простор го користат пензионерите. Така, на пример, во трговскиот во Бутел има простор што се користи како пензионерски клуб. И во трговскиот центар во Радишани има еден мал простор, кој го користат пензионерите. Остатокот од дуќаните и во овој трговски главно е приватен. И покрај објавите за изнајмување на просторот, нема заинтересирани. Затворањето на дуќаните во трговските центри не е само резултат на беспарицата. Во нив нема и кој да работи, бидејќи сопствениците малку заработуваат и малку плаќаат, а повеќето одат да заработат повеќе надвор од земјава – вели Снежана Клинчарова, портпаролка во општината Бутел.

За разлика од оваа скопска општина, во Центар немаат никакви податоци за тоа колку трговските центри на нивната територија се функционални и колку од дуќаните се затворени, иако сите што ги посетуваме сме сведоци дека на пример голем дел од вториот кат во ТЦ „Буњаковец“ се затворени, а многу дуќани се празни и во Градскиот трговски центар.

Од општината Чаир, пак, велат дека управуваат со дел од просторот во трговските центри на нивна територија, а дел од дуќаните што се во нивна сопственост ги издаваат, во зависност од големината на дуќаните цената за наемот е помеѓу 400 и 500 евра.
– Во трговскиот центар „Мавровка“ сите дуќани се во приватна сопственост. Во трговскиот центар на улицата Методија Митевски половина од дуќаните се општинска сопственост, а четири од нив се издаваат и граѓаните остваруваат некаква дејност. Станува збор за салонот за „Мебел сан“, потоа дел од просторот што се користи за верски обреди, како џамија, „Сара кафе“ и еден дуќан во кој има кондураџија. Имаше порано и еден шаховски клуб. Со деловниот простор на општината управува јавното претпријатие „Шкупи вјетар“ наменски формирано за тоа. Надлежните оттаму се грижат за намирување на сите фактури, вели Куштрим Ала – одговорен за информирање во општината Чаир.

Општините веројатно и можат да најдат начин како да ги искористат овие затворени објекти, бидејќи во некои од населбите недостигаат библиотеки, разни клубови и места за дружби и реализирање проекти и заеднички идеи.