Со набавката на мобилен инструмент, Општина Карпош предвидува мерење на загадувањето на амбиенталниот воздух (PM10, PM2,5, CO2, SO2, NO2, CO). Веќе извесен временски период овој инструмент се тестира на територијата на Карпош, а придобивките од него ќе бидат од поголемо значење.
Со овој уред, кој се развива преку Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), во реално време ќе може да се утврди загадувањето на која било локација, а со тоа на поефикасен начин ќе се детектираат потенцијалните загадувачи на животната средина.
Овој мобилен инструмент е во вредност од 500 илјади денари.
Исто така, со усвојувањето на еколошкиот план за 2021 година, советот даде „зелено светло“ и за ажурирање на катастарот на загадувачи. Станува збор за физички и правни лица, деловни субјекти што загадуваат или се потенцијални загадувачи на територијата на општината Карпош.
Овој катастар е база на податоци и за индустриските капацитети (местоположба, тип на активности, капацитет, услови во ИСКЗ-дозволите), со што се овозможува следење на емисиите на загадувачки материи. Дополнувањето на овој катастар ќе ја чини локалната самоуправа 300 илјади денари и тој ќе овозможи системски третман на еден од најголемите проблеми на национално ниво – загадувањето на воздухот.
Во текот на 2021 година, преку еколошкиот план на Карпош ќе се спроведе и едукативна кампања на граѓаните за поголемо користење на обновливите извори на енергија, изградба на фотоволтаични системи, примена на енергетско ефикасни фасади и зелени покриви.