Податоците од Државниот завод за статистика за првите девет месеци од 2019-та покажуваат дека во земјава биле регистрирани вкупно 10.237 брака, од кои 2.323 биле склучени во Скопје. Разведени се вкупно 1.218 брака, од кои само во метрополата 380 брака. Според социолозите, младите се во еден вител на постмодернистички промени. Често живеат во таканаречени вонбрачни заедници или живеат долго во врска. Кога немаат економска сигурност, тешко влегуваат во брак

Празничните денови се денови на дружба, радост и љубов. Тие ќе бидат уште поубави за семејствата чии млади склучиле брак. За заљубените, пак, што застанале пред матичар и својата љубов ја крунисале во брачна заедница, секако ќе биде година за паметење. За некои можеби и најсреќната година, а за други не баш. Според податоците од Државниот завод за статистика, во првите девет месеци од 2019-та во земјава биле регистрирани вкупно 10.237 брака, од кои 2.323 биле склучени во Скопје. Гледано по скопските општини, најмногу, 352 брака, биле склучени во општината Чаир, а веднаш по неа, со 297 склучени брака, е општината Гази Баба. Најмалку, само 137 склучени бракови, во изминатите девет месец од 2019-та имало во општината Шуто Оризари. Уште колку двојки до крајот на 2019-та стапнаа на т.н. луд камен ќе покажат подоцнежните статистики.

Податоците од Државниот завод за статистика за бројот на склучените бракови во 2018 година, споредено со 2017-та, кажуваат дека тој бил намален за 2,1 отсто и изнесувал 13.494 склучени бракови. Венчавката и напорните подготовки за свадба се слатки маки на сите младоженци. Но за горчината од еден неуспешен брак знаат само оние што тукушто излегле од него. Социолозите тврдат дека кај нас не се направени некои длабоки истражувања ниту за браковите ниту за разводите. Статистиката од Државниот завод покажува дека само за девет месеци од 2019 година во земјава биле разведени вкупно 1.218 брака, од кои само во Скопје 380 брака.
– Дури 61 брачна двојка ја раскинале својата брачна заедница во општината Аеродром, а најмалку двојки, односно само 15, се развеле од општината Сарај. Во 2018 година беа разведени 1.620 брака. Сепак, Македонија сѐ уште има најмалку разводи, а на врвот е Шведска, со 60 отсто разведени бракови – објаснува професорот Илија Ацески.

Социолози на шега велат дека во Македонија статистички немало разводи во 1947 година, кога се мажеле мајките на некои од сегашните пензионери. Но сега разводите се наша стварност. Како причина се наведуваат напливот на глобализацијата, влијанието на интернетот, телевизијата, средства од кои не можеме да се исклучиме. Кон тоа го додаваат фактот дека сме сиромашна земја, со голем степен на невработеност, што не дава надеж за некоја голема перспектива. Не треба да се заборави дека на едната страна во бракот се модерните сфаќања за животот, а на другата националната и семејната традиција. Едната влече напред, другата назад.
За разлика од кај нас, разводите на браковите во развиените држави се должат на еманципацијата на жената и на модерниот начин на живеење, што полека станува дел и од нашето живеење. Во општествата на западните земји постои еден вид послободна заедница, која не е толку врзана за законите и за традицијата, туку брачниот живот трае колку и согласноста на брачните партнери. Македонското општество сѐ уште е длабоко традиционално, но и тоа е зафатено со тековите на модернизацијата.

Ефектот од овие две стварности создава една индивидуа што ќе влезе во брак, а ако влезе лесно и ќе излезе од него. Жената не е повеќе во состојба да ја поднесува тортурата од мажот, а општеството пак не прави ништо да ја заштити. На мажот повеќе му одговара минатото, традиционалното време. Жената е домаќинка и вработена, има работно време од осум часа и обврски во домот што ѝ го продолжуваат работниот ангажман на 12 часа, а треба да е и мајка. Жените се повеќе склони кон развод, тие повеќе ја форсираат идејата за разделување.

Според Ацески, институциите не прават ништо за разведените родители. А со овој стандард што го имаме и со една плата, разведената мајка со едно или две деца тешко може да живее. Тука се и предрасудите во нашето општество што ги трпи една разведена жена, која поради разводот се смета како да направила нешто многу неморално.

– Разведена, распуштеница самиот израз што се користи упатува на нешто неморално. Постои брак од љубов и развод кога ќе престане љубовта. Младите се во еден вител на постмодернистички промени и сега живеат во т.н. вонбрачни заедници или живеат долго во врска. Кога немаат економска сигурност, тешко влегуваат во брак. Но оние што не го гледаат тоа, подоцна ќе ги почувствуваат последиците, кога ќе дојдат проблемите. Стандардот ги ублажува ударите што доаѓаат од сентиментот – објаснува професорот Ацески.

Социолозите велат дека особено се тешки разводите во кои има многу несогласувања и кавги помеѓу партнерите и околу сѐ и сешто. Ваквите разводи на сопружниците, кои тешко се договараат, може да бидат многу покомплицирани доколку брачната двојка има деца и се води битка за нивното старателство.