Јавното претпријатие „Водовод и канализација – Скопје“ континуирано продолжува со инвестициите во своите капацитети за подобрување и унапредување на работните процеси во согласност со европските и светските стандарди.
– На овој начин ЈП Водовод и канализација – Скопје овозможува услови за исполнување на сите работни процеси што се директно поврзани со дејноста на претпријатието, а се однесуваат на потребите на граѓаните на Скопје. ЈП Водовод и канализација – Скопје, поставувајќи стандарди на работа во согласност со европските и светските регулативи и директиви, прераснува во јавно претпријатие што го достигнува нивото на претпријатијата од истиот домен во европски и светски рамки – посочи Душко Весковски, генерален директор на „Водовод и канализација“.
Микробиолошката лабораторија, која работи во состав на Секторот за санитарна контрола при „Водовод и канализација“ и која има акредитирано осум методи според МКС ISO 17025:2018, повторно по четири години учествуваше на меѓулабораториска проверка во организација на „Фапас“. „Фапас“ преставува акредитиран провајдер за тестирање на оспособеноста, со седиште во Јорк, Англија, кој се занимава со организирање меѓулабораториски проверки во областа на храната и водата на светско ниво и чија дејност датира од 1990 година.
Секоја лабораторија за тестирање што е акредитирана според барањата на ISO/IEC 17025:2018, мора на секои четири години да учествува во програми за тестирање за оспособеноста, кои се всушност надворешни меѓулабораториски проверки на квалитетот на работењето, и тоа за сите нејзини акредитирани методи.

Со овие тестирања за оспособеноста, лабораторијата ја докажува валидноста на методите што ги работи не само во својата држава туку и пошироко на меѓународно ниво.
– По пристигнувањето на тестовите, сите вработени во микробиолошката лабораторија активно учествуваа во изработка на тестовите по осумте акредитирани методи. Изработените резултати му беа приложени на провајдерот во согласност со зададените рокови. Според резултатите од тестирањето за оспособеност, на кое учествуваа вкупно 37 лаборатории од светот, микробиолошката лабораторија постигна исклучителни резултати, кои докажуваат дека според точноста во работењето слободно може да се класифицира како лабораторија што може да котира високо на светско ниво.

Всушност, бенефициите од овие учества во меѓународните шеми за тестирање на оспособеноста се состојат во тоа што доколку лабораторијата изработи добри резултати, како што е случајот со микробиолошката лабораторија при Секторот за санитарна контрола, агенцијата „Фапас“ ги забележува истите тие во портфолиото на самата лабораторија и се вметнува во класата на светските аналитички лаборатории – изјави Наташа Манолева, раководителка на микробиолошката лабораторија при ССК.