Паркирањето во некои катни гаражи чини 2.000 денари месечно Фото: Дарко Андоновски

Не е мал бројот на катни гаражи во Скопје, кои претежно се сконцентрирани во централното градско подрачје. Секаде низ светот користењето на катните гаражи за паркирање на автомобилите претставува добра опција. Ваквите објекти вообичаено се снабдени со висока технологија за паркирање, влезно-излезни терминали, терминали за предавање на возилата, наплатен терминал и лифтови. Тоа значи дека возилата во катните гаражи се побезбедни отколку на обичен паркинг. Ако е така, се поставува прашањето зошто тогаш граѓаните не се одлучуваат многу често да ги паркираат своите автомобили во катните гаражи? Паркирањето во катните гаражи е секојдневие во секоја развиена држава, каде што ова функционира како нешто нормално. Но во Скопје, со целиот урбанистички хаос во кој опстојува градот, економската способност на неговите жители, но и сообраќајниот хаос во кој се наоѓа, се наметнува прашањето дали катните гаражи се опција за граѓаните и дали тие можат да си дозволат паркирање во нив според актуелните цени.

– Ако одам некаде кај пријатели каде што има катна гаража во близината, не би се паркирал во неа, од едноставна причина затоа што ќе го изберам најблиското слободно паркинг-место што е до нивниот дом. Ми нема поента да имам автомобил а да се паркирам подалеку и да одам пеш. Ако катната гаража е доволно блиску до местото каде што треба да одам, би ја користел. Чисто информативно, еднаш прашав колку чини месечна карта за паркинг-простор, кога слушнав дека е 1.500-2.000 денари, некако ми ја снема желбата да мислам на оваа опција. Не се толку големи платите, за да се паркирам во катна гаража ми е некако скапо. Искрено, скапо ми е и да се паркирам каде било каде што се плаќа, но, ете, затоа што често го користам автомобилот, некогаш и морам – вели анонимен граѓанин.

Според јавното претпријатие „Градски паркинг“ – Скопје, ценовникот за услуги на јавно паркирање во катните гаражи „Македонска фаланга“ и „Тодор Александров“ изнесува 30 денари по час, 2.000 денари месечно и 20.000 денари годишно. Според Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење на Републиката – Скопје, ценовникот на услуги и надоместоци за користење на просторот на катните гаражи, паркинг-карта од еден час изнесува 30 денари, месечната паркинг-карта за физички лица изнесува 1.770 денари, а годишната паркинг-карта за физички лица чини 14.160 денари. Овој ценовник се однесува за паркирање во катните гаражи „Разловечко востание“, „Кресненско востание“, „Солунски конгрес“ и „Смилевски конгрес“, како и за „Паркиралиште Центар“. Постојат повеќе можности, како на пример користење од една до четири катни гаражи и паркинг-просторите во централното подрачје, што веројатно е потреба за некои правни лица. Во зависност од тоа колку катни гаражи ќе бидат изнајмени на месечно или годишно ниво, цената за нивно користење се движи од 2.600 денари до 5.300 денари на месечно ниво и од 26.000 до 45.000 денари на годишно ниво. Доколку граѓаните сакаат да ги користат овие месечни или годишни услуги, треба да извадат универзална чип картичка, која изнесува 250 денари и еднократно се плаќа.

– Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на општината Центар“ стопанисува со една катна гаража, која располага со 505 паркинг-места, од кои 28 паркинг-места се наменети за лица со посебни потреби. За време на работната недела искористеноста на паркинг-местата во катната гаража е 70 отсто, додека за викенд се користат само 20 отсто паркинг-места, бидејќи гаражата работи само во сабота, од 7 до 15 часот.

Од ПОЦ, пак, тврдат дека катната гаража со која тие располагаат има висок процент на искористеност. Доколку се искористат информациите и цените од Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење на Републиката – Скопје, граѓанин што сака да има слобода и да може да се паркира во која било катна гаража и паркиралиштата на општината Центар ќе треба да плати 5.300 денари на месечно ниво или 53.000 денари на годишно ниво, тоа претставува нешто помалку од 90 евра на месечно или околу 900 евра на годишно ниво.