Фото: Маја Јаневска-Илиева

Нема бесплатен јавен градски превоз, мерките и препораките за заштита од загадувањето што во неделата напладне ги воведе Владата, од денеска престануваат да важат. Причината за тоа е паѓањето на концентрациите на ПМ10 честичките под дефинираниот праг на алармирање. Како што соопштија од Владата, среднодневните концентрации на ПМ10 во понеделникот биле под дефинираниот праг на алармирање од 188 микрограми на кубен метар и епизодата од два последователни дена е прекината во Скопје на мерните места Центар, Карпош, Ректорат и Миладиновци, во Битола на мерните места Битола 1 и Битола 2, во Гостивар и во Тетово. Мерките и препораките остануваат во сила само за градот Струмица, каде што не се исполнети пропишаните услови, односно во овој град среднодневната гранична вредност на ПМ-честичките била 199 микрограми на кубен метар.

За учениците завршува зи­м­ск­иот распуст и започнува вто­ро­то полугодие. Со престанувањето на важење на препораките на Владата, се укинуваат и мерките за ослободување од работни обврски на бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма и други хронични респираторни болести. Ова важи и за лицата со прележан миокарден инфаркт, мозочен удар и други кардиоваскуларни или онколошки болести, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар. Се укинува и мерката за намалената употреба на службени возила, потоа ограничувањето на градежните работи, реорганизирањето на работното време на отворено, а повеќе не важи и мерката да не се организираат спортски и други културни манифестации на отворено…

Иако концентрациите на ПМ10 честичките паднаа под утврдениот праг на алармирање на 200 микрограми, сѐ уште се над максимално дозволените. Последните мерења на мерните станици на Министерството за животна средина и просторно планирање покажуваат концентрации на ПМ 10 честичките од 84 во Центар, 97 во Карпош, 131 кај Ректорат, 120 во Миладиновци и 70 во Бутел. Ова значи дека скопјани, струмичани, тетовци, гостиварци и жители од други градови во земјава уште еден ден дишеа отровен воздух. Иако вчера беа намалени концентрациите на штетните честички во воздухот, повторно не може да се изземе нивното влијание врз здравјето на граѓаните. Ништо нема да може да ги надомести последиците што ќе ги имаат од дишењето загаден воздух веќе неколку години.

Загадувањето беше актуелно и вчера, иако беа запрени градежните активности на терен. Паркингот беше двојно поскап, што особено ги погоди пациентите што мораа да се паркираат на паркиралиштата на Клиничкиот центар, а градскиот превоз беше бесплатен до 18 часот. На некои автобуски релации вчераутро имаше поголема фреквенција на патници, а на други многу помала. Она што забележаа скопјани е дека некако не се вклопуваа старите автобуси во концептот на интервентните мерки за намалување на загадувањето на воздухот. Мерки за бесплатниот јавен превоз беа воведени во неделата напладне од страна на градот Скопје, а надлежните оттаму вчера повторно најавија дека доцна попладне ќе престанат да важат. Градоначалникот на градот Скопје, Петре Шилегов, најави дека бесплатниот автобуски превоз за скопјани ќе биде укинат најверојатно околу 18 часот, за да им се овозможи на сите што вчераутро на работа заминале користејќи го бесплатниот јавен превоз, со него и да се вратат. Укинувањето на интервентните мерки следуваше по паѓањето на концентрациите на ПМ10 честичките под утврдениот праг на алармирање на 200 микрограми, иако сѐ уште беа над максимално дозволеното. Шилегов додаде дека овие мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот ќе се воведат повторно доколку се повтори епизодата со загадувањето на воздухот, за што, како што рече, граѓаните ќе бидат навреме информирани.

И покрај расчистувањето на воздухот, градот Скопје апелира до граѓаните да не ги користат возилата без потреба, повеќе лица да се возат во едно возило, да се користи јавниот превоз, за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ-амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал, да се користи суво и чисто дрво, без примеси од земја и од отпадоци, а печките на дрва да се користат и одржуваат според упатствата на производителот.

Но повторно се поставува прашањето дали е доволно сето ова што се прави или треба многу повеќе. До кога ќе се чека поволните метеоролошки услови да ни го решат проблемот? И натаму ли ќе се ублажуваат последиците со интервентни мерки?
Невладините организации акцентираат дека загадувањето на воздухот е голем проблем и справувањето со него бара кохезивен пристап на решавање, со долгорочни, среднорочни и краткорочни мерки. Во моменталната ситуација деновиве, за намалување на енормното загадување на воздухот треба да се пристапи кон итни мерки за негово решавање. Од Демократска обнова за Македонија, или т.н. Партија на зелените, велат дека вообичаено има пет главни предизвикувачи на загадувањето – индустријата, загревањето, сообраќајот, градежништвото и отпадот. Според студијата од 2015 година за загадувањето во Македонија, изработена од Агенцијата за животна средина на Австрија и Институтот за метеорологија од Финска, најголеми извори на загадувањето се загревањето на домаќинствата со 32 проценти, индустријата со 18 проценти, сообраќајот со 20 проценти и градежните активности и градската прашина со 19 проценти. Од граѓанските организации велат дека за да се реши проблемот со загадениот воздух, треба да се дејствува на сите негови чинители.

– Прво мора инспекциите на локално, но и национално ниво да се интензивираат и да излезат во контроли на сите индустриски капацитети. Во таа насока е потребно да се намалат сите производствени согорувачки процеси во индустријата, да се намалат штетните гасови од индустријата или да се преполови согорувањето на овие штетни гасови. Следен чекор е да запре сета градежна активност не само во Скопје туку и во сите поголеми градови. Важен сегмент се и мерките што се наменети за сообраќајот. Потребно е да се забрани движење на возилата со стандард еуро 4, затоа што најстарите возила наедно и најмногу загадуваат. Да се воведе пар-непар движење на возилата. Овие мерки се за да се намали интензитетот на сообраќајот. На овој начин се дестимулираат граѓаните да ги користат автомобилите и ќе се пренасочат да го користат јавниот превоз, кој треба да е бесплатен или да е со намалена цена кога има големо загадување на воздухот – вели Маја Морачанин, претседателка на ДОМ
Од Партијата на зелените додаваат дека исто така е пожелно да се зголеми фреквентноста на јавниот превоз, да се воведат нови линии затоа што постојните не ги задоволуваат потребите на граѓаните. Како дополнителни мерки предлагаат да се воведе зелен билет, кој трае 24 часа. Со него граѓаните ќе можат да се движат во текот на целиот ден, а притоа неговото користење ќе ги чини поевтино.

– Некои граѓани велат дека им е поевтино да одат со својот автомобил и да платат паркинг отколку да се превезуваат со два автобуса до одредено место. Потребно е одржување на јавната хигиена, како и почесто да се собира отпадот во градот, да се чистат улиците. Да се воведе зелена пешачка зона, во која нема да биде дозволено сообраќање на возила освен за такси-возилата. Добро би било да се овозможи ваква пешачка зона во централното градско подрачје, при што ќе се демотивираат граѓаните да користат автомобили, па ќе почнат да го користат јавниот превоз и ќе пешачат – објасни Морачанин.

Но, како и да е, од денеска граѓаните повторно ќе мора да си платат за да влезат во автобус, а оние што не сакаат да се срамат со овој јавен превоз таков каков што е, повторно ќе седнат во своите автомобили. Градежните активности ќе продолжат, а сѐ уште е доволно студено, па мора да се загреваат домовите. Се прашуваат ли надлежните дали има излез од овој маѓепсан круг. С.Р.


Државните мерни станици покажаа помалку ПМ 10 честички

Последните мерења на мерните станици на Министерството за животна средина и просторно планирање покажуваа концентрации на ПМ 10 честички од 84 микрограми на кубен метар во Центар, 97 во Карпош, 131 кај Ректорат, 120 микрограми во Миладиновци и 70 микрограми на кубен метар во Бутел. Тоа значи дека вчера, освен кај Ректорат, каде што се регистрирани концентрации над 200 микрограми, секаде се под границата, но сепак се над дозволените 50 микрограми. Ако се гледа според среднодневната гранична вредност, тогаш евидентно вчера беа регистрирани 106 микрограми на кубен метар во Центар, 102 во Карпош, 151 кај Ректорат, 98 во Миладиновци, 103 во Бутел, а највисоко во Македонија беше во Струмица 199 микрограми, каде што мерките останаа да важат.


За нарушено здравје, потрошени 300 милиони евра

Според податоците од Светска банка, Македонија во 2016 година потрошила 253 милиони годишно, пари издвоени за здравствени трошоци поради загадувањето на воздухот. Според последните истражувања и анализи, во државата има 1.300 смртни случаи, а Македонија издвојува 300 милиони евра за лекување на граѓаните од последиците добиени од загадувањето. Само 1,5 милион се издвоени за новата владина стратегија „Чист воздух“. Маја Морачанин, претседателка на зелената партија ДОМ, вели дека е подобро парите да се вложат во екологија и заштита на животната средина отколку да се трошат во здравство и на лекување.