Како се пречекувала Нова година со Радио Скопје?

Пишува: Блаже Миневски

„Исток нѐ отпиша, Запад не нѐ запишува“ е една репликите што остана да се памти повеќе од три децении по филмот „Среќна Нова ‘49“ на Столе Попов. Тоа е годината која во Македонија почнала да се чека со руски маршеви, а се дочекала со слоуфокс, фокстрот и танго! Потоа работите се одвивале според она што е запишано на небото – година по година: „Скопје сето е во знак на празникот. Кај граѓаните владее претпразнично, ведро расположение“, пишува „Нова Македонија“ на 31 декември 1957 година. Во текстот со наслов „Скопјани пред Нова година“ во продолжение пишува: „Овие дни пред Нова година луѓето низ улиците повеќе се забрзани, некако се понервозни“. Излозите низ градот се побогато сортирани, а дуќаните се преполни со купувачи. Секој брза да купи што му е потребно. „Притисокот е многу голем – ни рекоа во НАМА. Во однос на минатиот декември, прометот во овој месец е поголем, особено во последните неколку дена, а така е скоро во секој дуќан“. Освен тоа, пишува во весникот, во „Сеча“ веќе се распродадени над 6.000 елки, што ќе ги украсуваат домовите за време на празникот.

Работниците во менза, службениците во ресторан!
Весникот „Нова Македонија“ известува дека многу граѓани Новата 1957 година ќе ја пречекаат во кругот на своите семејства и меѓу пријателите – по куќите. Сепак, многу други веќе си ангажирале места и по разни ресторани, барови и клубови. Во Домот на градежниците веќе се пријавени 400 лица, но како што пишува во весникот, влезните билети нема да важат и за лотаријата како што претходно било објавено. Освен тоа, биле распродадени и билетите за сите кина, така што „многу луѓе изразија желба Нова година да ја пречекаат гледајќи филмови, но бројот на местата во салите е премал за сите оние што се интересираат за билети“. Во киното „Култура“, спроти Новата 1958 година, ќе се прикажува филмот „Великиот Абдула“, во киното „Вардар“ – „Тројца за ревија“, во „Младина“ – „Нана“.

Во предновогодишниот извештај на репортерот стои дека „насекаде низ градот ќе има организирани пречеци за Нова година. Од Заводот за авторско право добивме информација дека оваа година има многу повеќе пречеци што се регистрирани кај нив. Нивниот број ќе се движи некаде околу стотина“. Многумина, сепак, Нова година „нема да ја пречекаат во Скопје, туку ќе одат по разни туристички места, како на Попова Шапка“ и кај роднините во внатрешноста: „Затоа уште во саботата благајните на Железничката станица беа опседнати со патници, а возовите се преполни“.
Последниот ден од таа 1957 година во сите осмолетки во Скопје се одржувале приредби, а потоа на децата им биле поделени подароци: „Денес е последниот ден од Стара година. Вечерва скопјани ќе ја пречекаат Новата 1958 година весело и ведро“, пишува во весникот. Слична е атмосферата и во градовите во внатрешноста. Нова година ќе се пречекува секаде – во јавни локали, општествени простории, во салите во фабриките и претпријатијата, како и по установите: „Оние што не побрзале да уплатат консумација, Нова година ќе ја пречекаат во своите домови, покрај радиоапаратите. Се чини дека и тие нема да останат незадоволни, зашто Радио Скопје навремено се погрижи да обезбеди специјална програма“.

Според дописниците на „Нова Македонија“, прилепчани Новата 1958 година ќе ја пречекаат колективно на неколку места: „Службениците од Народниот одбор на општината ќе се соберат во еден од градските ресторани, а работните колективи пречекот на Нова година ќе го извршат во салите на своите претпријатија. Во Титов Велес, пречекот на Нова година граѓаните ќе го извршат во работните колективи и во градските локали. Скоро сите места за пречекот се веќе зафатени во новиот ресторан „Атина“ и во ресторанот „Македонија“. Синдикалните организации при сите работни колективи одделија средства со кои се купени подароци што ќе им бидат разделени по повод Нова година на работниците и службениците“. Во Битола веќе неколку дена владее претпразнично расположение, известува дописникот од градот под Пелистер: „На улиците е многу живо, а особено на главната улица и на пазарот, каде што врие како во кошница. Луѓето настојуваат што побргу да се снабдат со потребните артикли и да се подноват за пречекот на Нова година“. Во извештајот објавен во последниот број на весникот за 1957 година, пишува дека пречекот на Новата 1958 година во Битола е организиран на неколку места: „Веќе се пополнети местата во ресторанот „Македонија“. Во ресторанот „Солун“, Нова година ќе ја пречекаат лекарите. Исто така, свечен пречек ќе биде приреден и во Домот на ЈНА, каде што, покрај офицерските семејства, ќе се соберат и голем број граѓани. Во недостиг од простории нема да биде чудно ако биде зафатена за пречек на Нова година и некоја слаткарница. Многу работни колективи Новата 1958 година ќе ја пречекаат во своите простории, а најголемиот број сепак ќе се најдат во своите домови покрај радиоапаратите“.

„Група пејачи со малиот радиооркестар исполнуваат македонски ора?!“
Во предновогодишните броеви на „Нова Македонија“, објавувани последниот ден од старата година, значи на 31 декември, освен најавите за пречек на Нова година и програмата на Радио Скопје, поголем број страници биле резервирани за честитки на работните колективи. Така, во последниот број за 1953 година биле објавени неколку вакви прилози, чија големина соодветствува со моќта на претпријатието.

Во 1948 година, на пример, во врска со пречекот на Нова година објавил две интересни информации. Првата е за гранд хотел „Македонија“, а втората за новогодишната програма на „скопската радиостаница“. Во информацијата за хотелот „Македонија“ пишува дека „приредува свечен пречек на Новата 1949 година во ресторанот и барот“, дека ќе свири „првокласен џез-оркестар“, а „резервирањето на масите се врши кај шефовите на салите“. Втората информација, онаа со радиопрограмата предвидена за новогодишната ноќ може да биде интересна дури и како музичка програма. Имено, каква музика се слушала во последната ноќ од драматичната 1948 година? Што емитувала „скопската радиостаница“ на 31 декември 1948 година? Според програмата објавена во весникот „Нова Македонија“, слушателите биле информирани дека од 12.45 до 13.15 часот ќе слушаат „руски песни“!? Потоа следува петнаесетминутната емисија „Од животот на СССР“ и на крајот, односно секој што се осмелил да го пушти радиото и да го слуша тоа што е најавено, можел да ужива во „балетска музика“! Кога ќе заврши „балетската музика“, оние што имале радио, а соседите не прислушуваат што слушале од 12.45 до 14.00 часот, полека можеле да се подготвуваат за „специјалната програма за пречекот на Новата 1949 година“, која почнувала со „масовни песни и маршови“. Во 21 часот следувала „музика за играње: зурлите и чалгиите исполнуваат македонски песни, а потоа следуваат танго, румба, слоуфокс и валцер“. Половина час подоцна, „група пејачи со малиот радиооркестар исполнуваат македонски ора“. Веднаш по нив на програмата се повторно „танго, фокстрот и бавен валс“. По вестите преземени од радиостаницата Белград во 22 часот, слушателите во Македонија во 22.30 часот повторно може да играат фокстрот, танго, валцер, слоуфокс и оро. По еден час играње следуваат забавни песни, а потоа пак танго, фокстрот, оро и слоуфокс. Десет минути пред полноќ играњето престанува, сите седнуваат на своите места и, слушајќи југословенски борбени песни и маршеви, се подготвуваат за „преносот на говорот на маршалот Тито од Сојузната радиостаница Белград“. Потоа до два часот по полноќ, кога завршува специјалната програма, слушателите што останале будни по говорот на Тито, но и оние што останеле присутни по „руската музика“ и „животот на СССР“, имале можност слободно уште еднаш да си поиграат румба, слоуфокс, валцер, танго и на крајот оро. Во програмата не пишува кое оро. Пајдушкото, Пиперевка или Тешкото?