Фото: Маја Јаневска Илиева

Градот располага со четири овластени инспектори за животна средина, 10 комунални инспектори и 16 комунални редари. Потребно е зголемување на бројот на инспекторите и веќе се работи во таа насока. Со почетокот на следната година бројот ќе биде зголемен, а со самото тоа контролата ќе биде на едно повисоко ниво, велат од инспекторатот на градот Скопје.

Напорите на властите за надминување на проблемот со загадувањето на воздухот очигледно не ги постигнуваат саканите ефекти. Рекордниот број мерки сепак не го намалија загадувањето. Во рамките на таа битка може да се постави и прашањето што ако пристапот за решавање на овој проблем е погрешен. Доколку не се истражени индустриите и колку загадуваат, како може да се пристапи кон сериозно решавање на проблемот со загадувањето?

Во изминатиов период, со појавата на европскиот извештај, каде што за Македонија се утврдува дека главни причинители на загадувањето се индустријата и домаќинствата, се отвори прашањето дали властите имаат добро издржан план за справување со загадувањето. Загадувањето, сепак, претставува сериозен проблем, кој бара мултисекторски пристап и добра координација меѓу институциите. Овие одредби, кои се клучни во извештајот, беа посочени како нереализирани, односно дека нема добро разработен систем и координација меѓу институциите.

Според извештајот за 2017 година на Државниот завод за ревизија, утврдено е дека кај индустриските капацитети нема соодветна примена на законски одредби за потребните интегрирани дозволи, недоволна прецизност на законските и подзаконските акти, немање соодветен ефикасен систем и дека не се запазени законските рокови за реализација на оперативните планови.

– Но со индустриите или без нив, од досегашните мерки што се применуваат граѓаните имаат тешкотии да ги согледаат ефектите на намалувањето на загадениот воздух. Иако се напоменуваше дека ќе се зголемат инспекциите во зимскиот период, на располагање за справување на овој проблем градот има 4 овластени инспектори за животна средина, 10 комунални инспектори и 16 комунални редари. Потребно е зголемување на бројот на инспекторите и веќе се работи во таа насока. Со почетокот на следната година, бројот на овластени инспектори ќе биде зголемен и со самото тоа контролата ќе биде на едно повисоко ниво – велат од Инспекторатот на градот Скопје.
Според извештајот на градот Скопје, секторот Инспекторат, депониите на територијата на градот Скопје редовно се контролираат за палење отпад и други недозволени материи. Вообичаените места што ги надгледуваат инспекторите се депониите од левата и десната страна на Реката Вардар – Сарај, езеро Треска, десна страна на реката Треска – Сарај, лева и десна страна на реката Лепенец, Бардовци, Ново Село, Волково и Орман, депонијата зад хотелот „Александар палас“, депонијата помеѓу населба Визбегово и Шуто Оризари, депонијата на последна 57, на паркинг-просторот на гробиштата во Бутел, депонијата на последна 19, на улицата покрај гробиштата во Бутел, депонијата на патот за Теферич, левата и десната страна на реката Вардар кај железниот мост во Горно Лисиче. Според податоците од извештајот на секторот Инспекторат, во однос на состојбата со квалитетот на амбиенталниот воздух, може да се забележи дека има зголемување на мандатните платни налози, како и на опоменати граѓани за 2018 година во однос на 2017 година. За сите овие потенцијални места на загадување што ги проверуваат инспекторите извештајот укажува дека има зголемување на мандатните налози и на опомените. Сепак, граѓаните од зголемените инспекции и контроли не гледаат ефекти во однос на намалување на загадувањето.

Истовремено, во неколку наврати секторот Инспекторат на градот Скопје вршеше контрола на индустриската зона во Момин Поток, потегот околу Криви Дол и Злокуќани. При нивната контрола немаше утврдено некакво прекршување на регулативите за загадување на воздухот. А повторно невладините организации апелираа дека треба да се стават во фокус фабриките што најмногу загадуваат.
На индивидуално ниво, пак, секој може да помогне со тоа што, наместо автомобил, може да избере јавен транспорт, велосипед или електричен автомобил. Но има и други помали чекори што може секој индивидуално да ги користи за да придонесе за намалување на загадувањето. Според експертите за енергетска ефикасност, исклучувањето на светлата кога не се користат и купувањето енергетски ефикасни уреди и светилки придонесува за намалување на загадувањето. Истите препораки ги дава и Срѓан Кукољ, советник за здравство и енергија за регионот на Балканот од невладината организација ХЕАЛ. Тој исто така наведе дека треба да се прават плански пристапи за искористување на енергетската ефикасност, но и дека треба да се развие култура преку индивидуален пристап и користење алтернативни начини со кои ќе се справуваме со загадувањето на воздухот. Зачестено користење на велосипедите, почесто користење на јавниот превоз, повеќе пешачење, но и користење уреди што се енергетски ефикасни.