Фото: Маја Јаневска-Илиева

Кога низ градов забележуваме уништени канти за ситен отпад, канти без дно или, пак, канти што се наполнети со ќеси од домашен отпад, добиваме впечаток дека некои граѓани навистина немаат чувство за чување на урбаната опрема. Уште повеќе дека не се грижат ниту за чиста животна околина. Иако живеат во градот, се однесуваат како воопшто да не им е грижа ниту за него, ниту за околината. За жал, често се случува штотуку поставените кошнички за ситен отпад по ден-два да ги видиме откорнати од држачите и фрлени настрана. Во општината Бутел потврдуваат дека имаат усни поплаки од граѓани за искршени канти, а последните биле за кантите во паркот „Живко Брајковски“. Најчесто велат дека страдаат кантите во училиштата и во парковите, а само пред два месеца беа поставени 150 нови канти.

– Кантите поставени на јавните површини не се во наша надлежност туку на општините. Плоштадот „Мајка Тереза“, улицата Македонија, плоштадот „Македонија“, кејот на реката Вардар и главните булевари се под наша одговорност. Наедно ние немаме инспекциски служби кои се надлежни за кантите за ситни отпадоци – вели Ана Бранѓолица од „Комунална хигиена“.

Примерите за вакво однесување во градов се забележуваат речиси секојдневно и дефинитивно најголемиот дел од проблемот лежи токму во отсуството на одговорност кај овие граѓани. Но што се случува со оние совесни граѓани, кои сакаат да го фрлат своето ѓубре на места определени за тоа, но немаат каде? Тоа значи дека другиот дел од проблемот лежи кај локалните власти, односно кај комуналните инспектори, кои треба да бидат поангажирани околу спречувањето на ваквите појави.
Автобуските станици низ градов се најдобар пример за тоа колку кошничките за ситен отпад се искршени или целосно отстранети од вандали, иако градските или општинските власти веќе ги имале поставено таму.

– Неодамна поминав низ Скопје, не останав повеќе од 3 дена. Сметам дека е интересен град. Имав можност да ја посетам Матка и од тоа што го видов мислам дека има што да понуди. Сепак, за жал, не видов канти за отпадоци каде што минував, беа ретки или беа во неисправна состојба. Исто така не наидов на јавен тоалет. Еве јас патувам и сакам да посетам убави места со природни убавини што не сум ги видела досега. Ако немате кошнички за отпад, јавни тоалети, навистина останува лоша слика. Искрено не разбирам како можат луѓето да не ги чуваат урбаната опрема и природата, а згора пак на сѐ‚ на такво убаво излетничко место, кое е најпосетено во градот да нема јавен тоалет – вели туристката Аниа Ошчега. Но кантите за отпад не недостигаат само на Матка, туку и на кејот на Вардар, каде што исто така секојдневно има голема фреквенција на луѓе. Граѓаните се жалат дека и таму некои се откорнати, други уништени или без дно. Каде било некој да прошета низ градот ќе забележи дека нема доволно канти за отпадоци, како што го забележуваат тоа и странците.

– За жал, урбаната опрема, како и кантите за отпадоци и контејнерите се честа цел на вандализам и уништување од страна на несовесни граѓани. Некои од нив се евидентирани од страна на службите на градот и нашите јавни претпријатија, а некои ни ги пријавуваат граѓаните телефонски или преку социјалните мрежи. Пријавите се однесуваат на целата територија на Скопје, додека конкретно за помалите канти, чести се поплаките за нивно уништување во поголемите паркови. Градот Скопје и јавните претпријатија редовно ја одржуваат урбаната опрема и ја заменуваат кога таа е оштетена. Динамиката се одвива зависно од состојбата на теренот, поточно може да се заменат поединечно неколку оштетени канти или клупи, а може да бидат акциски заменети и поставени поголем број нови клупи и канти одеднаш. Последниот случај што беше пријавен за уништување урбана опрема беше во Градскиот парк, каде беше уништена една од детските инсталации (куќарка) – велат од градот Скопје. Оттаму тврдат дека нивните инспекциски и редарски служби контролираат и совесно ја извршат својата работа, односно внимаваат на урбаната опрема за да го спречат нејзиното уништување.