Заменик-министерот за екологија Јани Макрадули денеска повторно ги смирува граѓаните по хаваријата во „ОХИС“, откако вчера соопшти дека состојбата е под контрола, односно оти излеаната течност е собрана и покриена со пилевина.

– По вчерашните случувања во кругот на „Охис“, денес повторно е направен увид од страна на Државниот инспекторат за животна средина и од лабараторијата „АМБИКОН“ на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, ангажирана од страна на судот, за надзор на процесот и начинот на кој се одвива чистењето. Она што е констатирано е дека инцидентот е саниран, благодарение и на брзата реакција на сите надлежни институции. Станува збор за процес на чистење на 11 видови хемикалии, кој трае девет месеци. Сите хемикалии кои се собрани, детално се испитани. Досега целиот хлор е отстранет и изнесен, како и дел од другиот опасен отпад кој се наоѓал во кругот на „Охис“. Ова е систем каде што целосно се знае каде точно завршуваат сите овие хемикалии. Тие се препакуваат и како опасен отпад се извезуваат надвор од државата. Откако ќе бидат собрани и обработени податоците од сите релевантни институции, ќе се донесе соодветно решение. Сакам да ги уверам жителите на Кисела Вода дека не постои никаква опасност, а тоа и го покажуваат и мерења од страна на Лабараторијата „АМБИКОН“, направени со ПИД детектор за органиски испарливи компоненти кој покажа дека нема концентрација на метил акрилат мономер во зоната на објектот – напиша Макрадули на Фејсбук.