Фото: Маја Јаневска-Илиева

Дека сликата навистина е застрашувачка се увери и екипата на „Нова Македонија“, бидејќи заминавме на терен, за да видиме на самото место само еден од објектите на стара, запуштена, дотраена куќа, која не само што визуелно потсетува на „куќа на стравот и ужасот“ од дизниевите забавни паркови туку претставува реална опасност при распаѓањето да повреди некој граѓанин што минува во близината… Згора на тоа, кога ќе проструи малку посилен ветер низ куќата, звуци од кои се замрзнува крвта во вените ја дополнуваат сликата за овие наши заборавени скопски објекти, кои стигнале да бидат извонредна сценографија за филмски хорор-сет

ДОТРАЕНИТЕ ОБЈЕКТИ ПРЕТСТАВУВААТ СЕКОЈДНЕВНА ОПАСНОСТ ЗА СКОПЈАНИ

Стари, дотраени и ризични куќи ги демнат жителите на главниот град. Со видливо оштетени столбови и ѕидови, изградени уште пред повеќе од триесетина година, овие објекти не само што го нагрдуваат градот туку претставуваат и општа опасност за сите околни жители и минувачи покрај нив. Освен тоа, вистинска опасност претставуваат и за околните објекти, улици, електрични столбови, атмосферски канализации, бидејќи доколку при посилен ветер, земјотрес или нанос на вода, тие се срушат, ќе предизвикаат хаварија по штета на сите засегнати страни. Таков случај неодамна беше забележан во скопски Центар, во Крњево, каде што дел од стара куќа ја запоседна улицата и турна и оштети струјомери, штета што на ова ладно време ги остави локалните жители без електрична енергија повеќе од три часа.

РИЗИЧНА СТАРА КУЌА ОД НАШЕТО МААЛО

Старите објекти што под забот на времето веќе не се безбедни, најдобро е да бидат срушени, за да не предизвикаат поголеми штети, кои понекогаш може да земат и човечки жртви.
Дека претставуваат сериозна опасност, тврдат и жителите од улицата 164 од скопската населба Крњево, во општината Центар.
На нивната улица за дел од секундата се срушил дел од стара и напуштена куќа, која во таква состојба била со години.
– Куќата стои вака со години. Таа навистина е дури и страшна за гледање и сите знаевме дека кога-тогаш ќе падне, па затоа кога поминуваме на улицата, секогаш тоа го правевме од другата страна, бидејќи нејзиното рушење може да нѐ чини живот. Што се случи со сопствениците не знам, вели жителка на Крњево, која живее во непосредна близина на оваа куќа.
Дека сликата навистина е застрашувачка се увери и екипата на „Нова Македонија“, бидејќи заминавме на терен за да ја увидиме фактичката состојба на самото место.
Распаднати тули и турната ограда се само дел од она што првично може да се забележи. Урнатини има и на улицата, а дополнително, при малку посилен ветер, се слуша чкрипење што го испушта стариот објект, бидејќи очигледно е дека тој ќе продолжи да се руши како последица на изминатите години, кои оставиле видливи траги по куќата.
– Имаме и мали деца што играат на оваа улица. Навистина е среќа што во тој момент немаше никој покрај куќата и немавме повредени. Како последица на рушењето, ни беа турнати струјомерите, па бевме без струја неколку часа на ова студено време – вели таа.
Сега, како што велат жителите, принудени се со своите возила да ги заобиколуваат паднатите делови од куќата, а кога пешачат покрај неа, мораат да минуваат од спротивната страна. Дополнително, велат дека за да ги заштитат нивните деца мора да ги носат на други места, бидејќи објектот на децата им изгледа примамливо за детски игри и истражување.

ЗА СОПСТВЕНИЦИТЕ ЌЕ СЛЕДУВА СООДВЕТНА ПРИЈАВА

Оваа улица неодамна беше целосно реконструирана од страна на локалната власт, па граѓаните стравуваат дека рушењето на куќата направило и одредена штета на асфалтот.
Од Општина Центар велат дека веќе биле на терен.
– Инспекторите од Секторот за инспекциски работи на Општина Центар се веќе на терен и вршат увид во состојбата на самото место. За случајот, во најкраток рок ќе се подготви записник и по него ќе биде постапено – информираат оттаму.
Од Министерството за внатрешни работи, пак, велат дека настанот бил пријавен во полициската станица во Центар на 24.10.2021 година.
– По излегување на местото на настанот, на улицата 164, во населбата Крњево, извршени се разговори со пријавителот и сопственикот на куќата, кој појаснил дека куќата била напуштена повеќе од 30 години и таа најверојатно се срушила поради дотраеност.
Наедно, по пријава од потрошувачи, на местото на настанот излегле и електромонтери, кои ги санирале орманите и замениле фундаменти и потрошувачите добиле напојување.
Од страна на ЕВН, на 28.10.2021 во полициска станица е доставен записник во врска со настанот, кој евидентира како кривично дело „уништување или оштетување јавни инсталации“, регулирано во членот 291 од Кривичниот законик, по кое се постапува по службена должност, при што се преземаат мерки и активности за негово расчистување, а по неговото целосно документирање ќе следува соодветен поднесок – велат од МВР.

[email protected]