Фото: Маја Јаневска-Илиева

Законот за заштита и благосостојба на животните предвидува казна за сопствениците на кучиња, кои ги шетаат на јавно место без поводник и маска, а глобата изнесува од 100 до 400 евра

Законот за заштита и благосостојба на животните предвидува задолжително врзување на кучињата на јавни места и задолжително да носат заштитна маска преку устата кога се на отворен јавен простор. Но некои граѓани секојдневно забележуваат дека овој закон не се почитува. Сопствениците на кучиња слободно ги шетаат своите миленици без маски на устата, а често и без поводници. Тие воопшто и не помислуваат на оние што се плашат од кучиња или имале непријатно искуство со нив, како и на оние што мислат дека треба да се почитуваат законите. А оваа законска обврска свесно се избегнува, најверојатно, затоа што не се казнуваат оние што го кршат законот. Од градот Скопје, иако ги прашавме, не ни дадоа одговор дали и колкумина од сопствениците на кучиња се казнети за тоа што нивните миленици немале маски на устата, иако за следење на состојбите на терен одговорни се и нивните комунални редари и комунални инспектори.

– Кога и да видам некој што се прави важен кога го шета кучето без маска се расправам со него. особено ако е некој од моето маало, ќе му зборувам додека не се научи на ред. Законот прописно си одредува дека мора да му се стават поводник и маска на кучето, секое непочитување мора да се казни и нема оправдување на ваквото однесување – вели Ѓорѓи Јолевски.
Законот за заштита и благосостојба на животните предвидува казна за сопствениците на кучиња, кои ги шетаат на јавно место без поводник и маска, а глобата изнесува од 100 до 400 евра.

– Оваа материја е регулирана во согласност со Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, каде што е наведено дека доколку кучињата што се на отворено немаат заштитни средства како маска и слично, и се без надзор и внимание, следува глоба во висина од 100 до 400 евра во денарска противвредност за нивните сопственици. Дополнително, оваа материја се регулира и со одлуката за комунален ред во градот Скопје и со Законот за јавна чистота. За контролирање на оваа појава на јавните површини, кои се во надлежност на градот, се надлежни нашите инспектори и комунални редари – велат од градот Скопје.

За жал, од градот Скопје не ни дадоа информации колку несовесни граѓани се казнети на територијата на Скопје, од страна на нивните инспектори и комунални редари оваа година. Зошто е добро да се практикува ставањето маска и поводник на милениците?
– Некои од луѓето се плашат од кучиња, на сите не им е сеедно ако се во близина на непознато куче, особено без заштитна маска. Со постојаните напади од кучиња скитници, кои се случуваат, некои од луѓето имаат фобија или страв од кучиња. Оваа појава е почеста и особено важна кај малите деца – вели психологот Јасмина Јонуз. Можат да се развијат фрустрации, нетолерантност, чувство на страв и анксиозност во близината на кучиња. Луѓето што имаат фобија од кучиња, стоењето до нив во мал простор како лифт или при разминување во ходник од зграда, ја интензивира оваа состојба на анксиозност и страв кај овие луѓе.

– Не му пишува на кучето на чело дали е воспитано, тренирано и колку и како е социјализирано. Посебно децата можат непредвидливо да изреагираат и да провоцираат некој нагон (за плен, или за игра) кај кучето. Верувам дека има и голем број сопственици на кучиња што совесно ги имаат приспособено кучињата за блиски контакти со непознати луѓе. Но знам дека има уште повеќе и од несовесните и игнорантни сопственици, кои неправилно чуваат кучиња. Тие употребуваат физички казни за одредени однесувања и генерално имаат кучиња што се темпирана бомба, која чека само да се поклопат вистинските услови за да експлодира и да се случи немил настан со тешки последици по здравјето и животот на некои несреќници, кои се нашле на погрешно место и во погрешно време. За да се избегнат сите овие работи едноставно е потребно да се почитува законот. Ете, токму поради ова треба да се практикува ставање маска и поводник. Без извинувања и без исклучоци – вели скопјанецот Александар Илиоски.