Граѓаните ги намножија тужбите во градот и бараат систематско решение Фото: Маја Јаневска-Илиева

Опасноста од напади од кучињата скитници постојано демне, а пред неколку дена жртви на напад од глутници големи песови за малку ќе биле мајка и дете во скопската населба Аеродром. Случката ја обелодени актерот Сашо Тасевски, кој реагираше на социјалните мрежи и побара проблемот со кучињата скитници веднаш да се решава. Нападите од уличните кучиња се наше секојдневие и веројатно во секоја населба се случува по една ваква случка. Стана опасно излегувањето надвор во вечерните часови не само поради загадениот воздух туку исто така и поради зачестените напади од бездомните животни. Не смее повеќе да се дозволи граѓаните да бидат напаѓани од кучињата како од волци во планина. Во Градот постојано се зголемува бројот на тужби од граѓани што бараат надомест на штета поради каснување од кучиња.

„Решете ги џукелите итно. Ваша работа е на кој начин. Пет пари не давам за тоа како. Сега во Аеродром, кога се враќав од кај мајка ми, седум ко магариња големи, нападнаа жена со детенце. Минуваа најнормално, не ги ни забележија, покрај контејнерите на три метри од нив. Она е страшно, што можеше да се случи. Да не се стрчавме кон џукелите јас и едни дечки што поправаа возило, ќе ги искинеа ко ќеса. Возам кон дома, не можев да се приберам. Направете нешто. Чистете го градов од нив или ние да се чистиме. Што треба? Вооружени да шетаме?“, напиша актерот од Драмски театар Сашо Тасевски.

Скопскиот градоначалник Шилегов јавно има кажано дека, според постојната програма, кучињата мора да се вратат онаму од каде што се земени и друго решение нема. Според постојната програма „Улови, стерилизирај, врати“, кучињата се задржуваат во „Вардариште“ триесет дена, а потоа се враќаат на улица од местото од каде што се земени. Но и од јавното претпријатие „Комунална хигиена“ велат дека периодов имаат зголемен број поплаки од граѓаните поврзани со кучињата скитници, факт што повторно укажува на тоа дека треба проблемот да се решава на поинаков начин.

– Во 2017-та вкупниот број заловени кучиња изнесува 1.444, од кои 1.055 биле медицински третирани, а 159 биле вдомени во рамките на стационарот. Податоците од јануари до септември 2018 покажуваат дека вкупниот број заловени кучиња изнесува 902, од кои 679 биле медицински третирани, а 92 кучиња биле вдомени во рамките на стационарот. Евиденцијата за чипирани кучиња ја води Агенцијата за храна и ветеринарство. Во последниот период имаме зголемен број поплаки поврзани со бездомните кучиња – потврдуваат од ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје.

Според податоците, бројот на заловени кучиња за 2017 година изнесува 1.444, а за 2018 година до септември изнесува 902 кучиња скитници. Тоа значи дека на годишно ниво во градот Скопје има некаде околу нови 1.000 кучиња скитници. Тоа, пак, јасно потврдува зошто има и зголемен број напади. Бегајќи од куче скитник, неодамна во водите на Вардар заврши млад живот на девојка од Гостивар. Речиси секојдневно граѓаните на Скопје се жалат од напади од улични кучиња и проблемот сѐ повеќе ескалира. Тие постојано напаѓаат луѓе на плоштадот, но и туристи на улицата Македонија.

Остри се реакциите на граѓаните што реагираат и бараат решавање на проблемот, а надлежните како да немаат слух за тоа. Решение мора да се најде, а како што кажаа невладините организации, најпрвин мора да има одговорно сопствеништво и да се знае кој продава, а кој купува куче, кој има одгледувачница. Од градот Скопје велат дека имаат 144 активни судски предмети од граѓани што бараат надомест од каснување од куче.

– Моментално се активни 144 судски предмети со основа надомест на штета настаната како резултат на каснување од куче, од кои 97 предмети се во прв степен пред Основниот суд Скопје 2 – Скопје, а 47 предмети се во жалбена постапка пред Апелацискиот суд во Скопје – велат од градот Скопје.

Граѓаните знаат дека доколку се каснати од куче скитник, може да го тужат градот Скопје и да добијат отштета од 60.000 до 180.000 денари. Тоа значи дека доколку сите 144 судските предмети се пресудат во полза на граѓаните, градот Скопје ќе треба да плати отштета од 8.640.000 до 25.920.000 денари, или да издвои над 400.000 евра за граѓаните.

Индиферентното однесување на државата и непреземањето брзи и ефективни мерки, изминативе денови резултира со една друга негативна појава, масовно труење на кучиња во Тетово. Случка ја шокира јавноста, а отруени беа триесетина кучиња скитници, но и други бездомни животни. Невладините со право бараат строги казни, построг инспекциски надзор за оние што ги оставаат кучињата на улица и воведување регистар за домашни миленици, но и сериозен пристап кон овој проблем за да се најде целисходно и долготрајно решение.