Кучињата касаат и напаѓаат, а одговорни нема - Фото: Маја Јаневска-Илиева

Семејство од скопската населба Бутел поради куче скитник во четвртокот преживеало вистинска заложничка драма во својот дом, бидејќи кучето пред куќната порта напаѓало кого ќе стигне. Не знаејќи каде да се обрати за помош, загрижената скопјанка се јави во нашата редакција. Таа вели дека не ѝ помогнале од стационарот „Вардариште“, ниту, пак, од новото претпријатие „Лајка“, кое сѐ уште не почнало со работа. Огромното куче се појавило ден пред тоа пред нејзината куќа, а таа еднаш го нахранила и си заминала дома. Но утредента кучето почнало да напаѓа. Никој потоа не можел да излезе од куќата, ниту пак во дворот, бидејќи агресивното животно било подготвено да нападне кој и да му се приближи. Жената останала беспомошна и вели дека сфатила дека нема одговорна служба во градов што ќе им помогне.

Градските советници речиси пред три месеци донесоа одлука за формирање на новото јавно претпријатие, кое требаше да профункционира на местото на стационарот „Вардариште“. Градот вети системско решавање на проблемот со бездомните кучиња, а всушност локалните власти само создадоа вакуум-простор во овој процес на транзиција на претпријатието, во кој си дозволија да се изземат од грижата за уличните кучиња. Речиси секојдневно има по двајца каснати од улично куче.

Небрежноста на властите го остави градот без стационарот, уште пред да почне да функционира новото претпријатие, за кое ниту се знае колкав број вработени ќе има ниту, пак, колкава ќе биде финансиската конструкција. Во овој момент нема институција што ќе може да го контролира размножувањето на уличните кучиња, но што е уште полошо нема ни кој да ги залови агресивните.

– Од пред неколку дена во близината на мојот дом се појави големо куче, кое е некоја мешавина на шарпланинец и нема чип на увото, па не знам дали било претходно третирано од ветеринар. Ги сакам животните и бидејќи го видов бедно и гладно му дадов храна. Но веќе наредниот ден ни зададе проблеми и ни направи огромен стрес на сите. Утрото стоеше пред нашата куќна порта и нападна жена на мојата улица, а потоа на излегување за на работа се обиде да го нападне сопругот. Потоа тој ме предупреди да не излегувам од дома, да не доживеам стрес пред породување. Некој мораше да оди во продавница, но кучето се обиде да ја нападне и мојата свекрва, па и таа се затвори дома. Во дворот не смеам да го прошетам ниту син ми, па останавме сите во „куќен притвор“. Откако побарав помош во „Вардариште“, ме препратија да се јавам во „Лајка“, а оттаму ни кажаа дека немаат како да ни помогнат затоа што новото претпријатие уште не почнало со работа. И сега што треба да правиме ние? Додека не се направи „Лајка“ да му се молиме на господ – вели преплашената скопјанка.
Од градот Скопје нѐ информираат дека треба време пред да почне да функционира „Лајка“, но не најавуваат кога ќе се случи тоа.

– Изминатиов период започнаа постапките за стационарот „Вардариште“ да премине од надлежност на ЈП „Комунална хигиена“ во посебното јавно претпријатие „Лајка“, кое под своја надлежност во целост ќе ги преземе активностите за заловување на животните скитници, стерилизација, ветеринарната грижа, регистрирањето и процедурите за вдомување од заинтересираните граѓани. Во креирањето на организацијата на претпријатието и неговите органи ќе биде вклучен и невладиниот сектор со искуство во сферата на заштитата на животните. Имајќи предвид дека новото претпријатие беше формирано пред краток период, треба време да се воспостави соодветен систем за работа, како управни тела и нови практики на работа. Во почетниот период новото претпријатие ќе функционира со веќе постојната опрема и вработени. Во стационарот „Вардариште“, деновиве се врши целосна дезинфекција на стационарот, а готов е и проектот за негова целосна реконструкција, со кој ќе се зголеми капацитетот од 110 на 230 места – објаснуваат од градот Скопје.

[email protected]