Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

На дневно ниво, од Бит-пазар влегуваат околу 14 илјади возила, од МТВ околу 18 илјади, од МАНУ околу 24 илјади, додека од Универзитетска библиотека во крстосницата на дневно ниво во септември се слеваат околу 23 илјади возила

Истражување на Центарот за управување и контрола на сообраќајот на Град Скопје

Не е ништо ново дека во Скопје сообраќајот е една од најболните теми и за граѓаните и за локалните власти. Растоварувањето на градскиот метеж, според декларациите на властите, е еден од главните приоритети.
Најголемите метежи низ градот се токму во оние периоди кога граѓаните одат и си заминуваат од работните места, а тоа го говорат и официјалните бројки од страна на Центарот за управување и контрола на сообраќајот на Град Скопје (ЦУКС). Центарот има поставено таканаречени јамки на крстосниците на 80 локации, за да добие точни податоци за бројот на возила што циркулираат низ градот, а сето тоа за да се дознае точно кои сообраќајници се најпроблематични и да се одговори на потребите на возачите, односно да се добие појасна слика за тоа кои сообраќајници имаат потреба од проширување и слично.
– Поголем број возила ЦУКС евидентира единствено во неколку термини во текот на денот, и тоа во осум часот наутро, во 15 часот и во периодот од 16 до 17 часот попладне, кога повеќето граѓани на Скопје ги напуштаат своите работни организации и се упатуваат кон посакуваните дестинации – информираат оттаму.

Од центарот велат дека најголемата раздвиженост и фреквентност од возила се на булеварот Гоце Делчев, и тоа особено на крстосницата со булеварот Крсте Мисирков.
– На оваа крстосница дневно минуваат речиси 80 илјади возила, или поточно 78.862 возила на ден – информираат оттаму.
Бројката на возила што циркулираат на најфреквентните крстосници не зависи само од дневниот шпиц туку и од периодот во годината. Токму тоа е причината поради која сообраќајниците најчесто се реконструираат во летниот период, кога се очекува граѓаните да ги користат своите годишни одмори, а со тоа и да биде намалена фреквенцијата на возила. Есента речиси секогаш го најавува метежот затоа што со завршувањето на летото, сите се враќаат на своите работни обврски.
Од ЦУКС велат дека податоците се различни и во зависност од правецот на движење на возилата.

– На дневно ниво, од Бит-пазар влегуваат околу 14 илјади возила, од МТВ околу 18 илјади, од МАНУ околу 24 илјади, додека од Универзитетската библиотека во крстосницата на дневно ниво во септември се слеваат околу 23 илјади возила – информираат од Центарот.
Најголемиот сообраќаен метеж се случува во централното градско подрачје, каде што речиси нема период од денот кога на некоја сообраќајница нема зголемен број на возила.

– Според податоците за бројот на возила што пристигнуваат во Центарот, најмал број возила има на крстосницата помеѓу булеварот Партизански одреди и Никола Парапунов кај мостот Обединети нации, крстосницата помеѓу булеварот Борис Трајковски и улицата Народни херои во Кисела Вода, како и по должината на булеварот Видое Смилевски-Бато, од што може да се заклучи дека најголемата фреквенција на возила сепак се забележува во централното градско подрачје, каде што речиси нема период во текот на денот да нема сообраќајно обременување на некоја улица или булевар – заклучуваат од ЦУКС.