Општината Карпош ги зголеми зелените површини и подигна ново парковско зеленило околу детскиот парк на местото Криви Дол. На истиот простор се засадени украсни растенија, а токму на овој дел неодамна беа засадени и нови дрвја со што комплетно е уреден овој детски парк.

– Посадени се украсни растенија и нови дрвја. Криви Дол претставуваше место што со години изгледаше отсечено од Карпош, но локалната самоуправа започна постепено да го развива. Покрај обновувањето на новиот детски парк, наскоро ќе започне и реконструкцијата на улицата Новопроектирана 4А – информираат од општината Карпош.

Оттаму дополнуваат дека минатата недела беше обновено зеленилото во делот околу инклузивното игралиште во населбата Влае 2, а ново зеленило ќе биде подигнато и во ТЦ „Лептокарија“. Надлежните ги повикуваат сите граѓани да водат грижа за заштита на животната средина и да ја чуваат урбаната опрема.