Во интервјуто за „Нова Македонија“, генералниот директор на ЈП „Водовод и канализација“, Душко Весковски, и националната директорка на „СОС детско село“, Јулијана Накова Гапо, говорат за соработката мотивирана заради помош на децата згрижени во „СОС детско село“, за предизвикот да се биде прво јавно претпријатие што поттикнува општествено одговорно работење преку поддршката на „СОС детско село“ и за тоа колку оваа поддршка значи за „СОС детско село“

ЕДНА ГОДИНА УСПЕШНА ПРИКАЗНА ПОМЕЃУ ЈП „ВОДОВОД И КАНАЛИЗАЦИЈА“ И „СОС ДЕТСКО СЕЛО“

Во изминатиот период се одбележа една година од соработката со ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје и „СОС детско село“. Како започна вашата соработка?
Јулијана Накова Гапо: Лесно е да чиниш добро кога многумина помагаат. Водени од оваа мисла на нашиот основач Херман Гмајнер, се продолжи нашата иницијатива за соработка, која веднаш безрезервно беше прифатена од ЈП „Водовод“ – Скопје. Иновативна хуманитарна активност како можност да се допре до пошироката јавност и секој индивидуалец да има можност да придонесе и да им помогне на најранливите – деца без родителска грижа. Горди сме, бидејќи сме пионери во оваа активност и бидејќи ЈП „Водовод“ – Скопје ги препозна можноста и потенцијалот за поддршка на нашата организација на ваков начин.
Душко Весковски: Чест и задоволство е да можете да му помогнете некому, искористувајќи ја секоја можност за истото тоа. Иницијативата за остварување соработка со „СОС детско село“ беше безрезервно прифатена како благородна мисија, со која им се помага на оние на кои помошта им е најмногу потребна, а тоа се децата без родители и родителска грижа згрижени во „СОС детско село“. Со почнувањето на оваа соработка се отворија можности за подобрување на условите за живот на сите тие дечиња сега и во иднина, а ЈП „Водовод и канализација“ ја имаше привилегијата да стане првото јавно претпријатие што се вклучува во поддршка на мисијата на „СОС детско село“.

Колку е за вас важно партнерството со ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје?
Јулијана Накова Гапо: Стратегиско партнерство со јавна институција, како медиум и канал преку кој можеме да допреме до општата јавност, а наедно и до вработените од ЈП „Водовод и канализација“ – во време кога бизнис-секторот е погоден од ковид-кризата, за нас значи многу. Оваа кампања е веќе трета по ред што ја спроведуваме заеднички. Среќни сме што оваа година поддршката ја добивме и од ЈКП „Дервен“ – Велес, а во план ни е соработка и со други јавни институции од целата држава и се надеваме дека на таков начин ќе влијаеме и на подигање на свеста на сите граѓани за помагање на ранливите групи во заедницата.

„Промени животи“ е новата кампања поддржана од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје. Кои се активностите преку кои се поддржуваат и спроведуваат кампањите за поддршка на мисијата на „СОС детско село“?
Душко Весковски: Нашата соработка започна во еден период на неизвесност, на самиот почеток на појавата на пандемијата предизвикана од коронавирусот, но тоа не ни претставуваше пречка, туку, напротив, предизвик и мотив токму тогаш да ја дадеме нашата помош и таа да стигне на вистинското место. Имајќи го предвид фактот дека преку фактурите за наплата на услугите на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје се остварува комуникација со над 200.000 корисници, заеднички донесовме одлука да се доставуваат повици за донација заедно со фактурите. Така, во април 2020 се реализира првата кампања, насловена „Ниту едно дете не треба да расте само“, преку достава на додаток на фактурите за донации во печатена и електронска форма. Во исто време се отвори можност за донации на сметката на „СОС детско село“ преку поставување директен линк на веб-страницата на претпријатието, www.vodovod-skopje.com.mk. Вработените во претпријатието ја добија и некои од нив ја искористија можноста да станат СОС-пријатели, станувајќи посветени донатори преку месечни донации. Со поставување на касичките за донации во Дирекцијата на претпријатието, секој посетител на нашето претпријатие и вработените имаат можност индивидуално да донираат во согласност со можностите и условите. Декемвриската празнична магија ја започнавме со поддршка и спроведување на кампањата за остварување едни поинакви желби. Потврда за заложбите на „СОС детско село“ за создавање услови за подобра и сигурна иднина се успесите што ги постигнуваат децата, како што е примерот на Мартин Буровски, за мене голем уметник, чие големо уметничко дело „Виолина“ секојдневно ме потсетува токму на тоа. Во моментот во тек е кампањата „Промени животи“, која наедно е и третата кампања во заедничка реализација, со која на еден начин ја одбележивме и годишнината на нашата соработка. Правиме напори да ги промениме животите на подобро, да создадеме еден подобар свет, исполнет со безброј детски насмевки, свет во кој секое дете има еднакви можности. На почетокот на мај 2021 повторно е испратен повик до сите наши корисници во печатена и електронска форма, со приказна раскажана од штитеничка на „СОС детско село“, пример како нечиј живот навистина може да се промени. Вработените од ЈП „Водовод и канализација“ со свој личен придонес и пример исто така упатија јавен повик преку видеопорака за значењето на донациите наменети за децата заштитени од „СОС детско село“ и порачаа „Донирај и ти“.

Што е посветено индивидуално донаторство, како можат да се приклучат граѓаните и колку е важно тоа за одржливоста на организацијата?
Јулијана Накова Гапо: Клучната работа на „СОС детско село“ е грижа и поддршка на децата и младите без родители и родителска грижа и семејства во социјални ризици и остварување на целите и мисијата „Ниту едно дете не треба да расте само“. Тоа е активност што се одвива во континуитет, без престан, секој ден, недела, месец… и така 20 години. Работа што не може да застане, бидејќи сѐ додека и на едно дете му е потребна грижа, ние ќе бидеме тука. Токму поради тоа, секој што ја препознава важноста на одржливоста на нашата работа може да стане посветен донатор. Донатор што секој месец, во континуитет, непрекинато им помага на децата преку организација.

ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје е првото јавно претпријатие што се приклучи со поддршка на мисијата на „СОС детско село“. Што значи тоа за вас?
Душко Весковски: Сите ние се стремиме кон постигнување големи успеси, освојување некое прво место, но среќата од тие успеси може да биде безначајна доколку сте сами на врвот. Навистина ми е чест што ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје е првото јавно претпријатие што пристапува кон поддршка на мисијата на „СОС детско село“, но, верувајте, тоа е и навистина голем предизвик, бидејќи ја имаме можноста да дејствуваме во менување на изворите и начините за примена на општествено одговорни практики и мислам дека навистина не смееме да потфрлиме. Досега практиката покажувала дека таа улога му припаѓа на приватниот сектор, а со нашиот пример покажавме дека тоа не треба да биде задолжително така. Работиме и на менување на перцепцијата за дејствување на претпријатијата и институциите од јавниот сектор и ги повикуваме сите на некој начин да го проследат нашиот пример и да се приклучат кон поддршка на иницијативи со кои навистина ќе се дејствува во подобрување на општествените состојби. Потврда дека сме на вистинскиот пат во реализација на нашите цели и дека нашите заложби навистина вредат е признанието за поттикнување на индивидуалната филантропија за 2020-та, доделено токму од „СОС детско село“ на годишниот настан „Едно семејство“, како и новината дека ЈКП „Дервен“ – Велес се приклучува кон поддршката на мисијата на „СОС детско село“, што покажува дека нашиот позитивен пример веќе е препознаен како таков.

Кои се вашите идни планови?
Душко Весковски: ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје е претпријатие чија дејност и активности се насочени кон исполнување на барањата и потребите на корисниците, па, несомнено, нашиот фокус е насочен кон подобрување на услугите за корисниците и граѓаните на градот Скопје, реализација на тековни и капитални проекти, поставување на претпријатието на ниво на европските и светските претпријатија. Нашиот фокус е исто така насочен и кон продолжување на примената на општествено одговорните практики за подобрување на општествените состојби. И, секако, продолжување на соработката со нашите пријатели од „СОС детско село“ за испишување нови поглавја од нашата успешна приказна.
Јулијана Накова Гапо: Стратегиски идни планови на организацијата… Пред сѐ грижа и поддршка за што повеќе деца, а во блиска иднина планираме да се фокусираме и на промовирање и зајакнување на грижата во згрижувачките семејства во нашата земја. Над илјада деца се во постојан ризик да ги изгубат својот дом и семејство, а најдобро решение за тоа е згрижувачко семејство. „СОС детско село“ планира да отвори центар за поддршка на згрижувачки семејства, преку кој ќе ги запознава граѓаните за тоа што значи згрижување деца, како може да се стане згрижувач и на тој начин да мотивираме повеќе граѓани да станат згрижувачи, за да има повеќе семејства за овие деца, каде што ќе имаат топол дом, грижа и љубов. Исто така ќе останеме фокусирани за помош на семејства и млади во социјални ризици на кои им се потребни помош и поддршка и ќе се трудиме да ја подигнуваме свеста за локалното финансирање – индивидуално, корпоративно и институционално, затоа што како држава и заедница мора да собереме сили самостојно да се грижиме за нашите ранливи категории.

[email protected]