Фото: Маја Јаневска-Илиева

На полицајците навистина им е тешко да се справат во ваквите случаи, затоа што најчесто управувачите на запрежните коли немаат никаква легитимација

По улиците на метрополата сѐ уште може да се забележат запрежни коли.
Граѓаните, освен проблемот со кучињата скитници и ѓубрето, ги забележуваат коњите на јавните површини, но и запрежни коли. Некако неизбежна е сликата на градските патишта покрај новите марки автомобили одвреме-навреме да се забележи коњска кола натоварена со стара хартија, пластика и железо. Оваа појава не оддава впечаток на еден современ и развиен град, а уште помалку на метропола.
Како главен град, Скопје и неговите градските власти треба да се заложат за итно решавање на овој одамна горлив проблем со запрежните коли, кои се одлика на едно неразвиено село. Ваквите коњски запреги по градските улици го попречуваат и постојано го нарушуваат нормалното одвивање на сообраќајот. На некои сообраќајници тие претставуваат и пречка за сообраќајот, па затоа и возачите се нервозни, чекајќи во редовите од автомобили. Запрегите предизвикуваат нервоза кај сите учесници во сообраќајот, а евидентно е дека животните на асфалтот го оставаат и изметот. Запрежните коњски коли со години се дел од возниот парк на скопските улици и време е тие да се тргнат. Познато е дека е забрането нивно возење во урбани средини, но не само што не се почитува ова правило туку оние што управуваат со нив, како учесници во сообраќајот, не ја почитуваат ниту сообраќајната сигнализација. Застануваат каде било и во одредени случаи ги блокираат главни коловозни ленти. Само годинава полицијата на самото место интервенирала кај 12 сопственици на запрежни коли што биле во движење на улиците на Скопје.

– Во 21 век срамота е во главниот град да се возат запрежни коли. Нивното движењето на улиците, особено во работните денови, навистина создава нервоза кај другите учесници во сообраќајот. Нема што да бараат на градските улици – вели загрижен скопјанец.
Според Министерството за внатрешни работи, движењето на запрежни возила низ фреквентните улици и булевари во Скопје е забрането и тоа претставува сообраќаен прекршок.
– Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата овој прекршок го квалификува како „постапување спротивно на сообраќаен знак“ и предвидува глоба од 45 евра. Доколку сопственик на запрега се затекне на самото место од страна на полициски службеник, се преземаат соодветни мерки – велат од СВР-Скопје.
Иако надлежните од МВР ги опоменуваат и казнуваат управувачите на запрежни коли, тие велат дека и натаму се појавуваат на улиците. На полицајците навистина им е тешко да се справат во ваквите случаи, затоа што најчесто управувачите на запрежните коли немаат никаква легитимација.
И во соседна Бугарија, во главниот град Софија, го имаат истиот проблем. Иако е забрането возење на коњски коли низ центарот на градот, оваа забрана сепак не се почитува, а тамошните власти сега им се закануваат на сопствениците со запленување на запрегата.