За граѓаните најжално е што коњите се измачуваат и што се малтретирани од страна на нивните сопственици /Фото: Игор Бансколиев

За случаите со коњи што слободно шетаат по паркови и јавни површини, јавното претпријатие „Комунална хигиена“ набави приколка за превоз на крупен добиток. Оваа приколка се набави по иницијатива на месните заедници и на граѓаните, бидејќи имаше многу случаи кога коњи шетаа по јавните зелени површини и по жардиниери низ градот и имавме проблем како да ги пренесеме од местото на заловување до местото одредено за престој. Изминативе години неколкупати е интервенирано за ова, а во голем број случаи никој не дојде да ги подигне животните, по што тие беа однесени во резерватот во националниот парк Јасен, велат градските власти

Метрополата личи на времето кога крупен добиток беше вообичаена глетка во центарот на градот

Запрежните коли сѐ почесто ги има низ градските улици, но и низ парковите и поголемите зелени површини низ градот. Граѓаните често дојавуваат дека се сведоци на вакви глетки, но уште повеќе се вџашуваат од снеможени или пцовисани коњи паднати среде улици, или пак од постапките на нивните „газди“, кои немилосрдно удираат со камшик по нивните слаби и снеможени тела. Трауми не доживуваат само возрасните туку и децата, кои воопшто не можат да сфатат зошто „чичкото го удира коњот по грбот“.
И тоа не е единствениот проблем. Сопствениците на запрежните коли ги исцрпуваат животните, малтретирајќи ги да го влечат возилото по високи или ниски температури, по дождови и лизгави улици, по угорници и удолници, па во обид да ги одморат од напорната работа, застануваат и се паркираат во зеленилата или парковите во Скопје, каде што го одврзуваат животното и го пуштаат неконтролирано да се движи низ тревата, паркот или детските игралишта. И да, сите би се согласиле дека коњот заслужува да биде ослободен и слободно да трча и да пасе трева, но, сепак, тоа не треба да биде во населени места каде што трчаат и играат деца и каде што е голема фреквенцијата на луѓе.
– Летово имавме навистина многу непријатна глетка предизвикана од сопственик на запрежна кола. Коњот беше слободно пуштен буквално кај нас пред врата, бидејќи имаме огромно зеленило пред куќата. Моите деца играа со топка со другарчињата и ненадејно топката случајно им избега кон коњот. Животното, што е и нормално, се исплаши, па за да се одбрани се затрча кон децата.

Сите се исплашивме, почнавме да трчаме, да ги земаме децата, кое во раце, кое за рака, за да избегаме и да влеземе во дворовите, за коњот да не ги повреди. Сопственикот на коњот никаде го немаше. Дојде дури по половина час. За среќа, коњот си се врати повторно на пасењето трева, но ние и нашите деца останавме затворени, затоа што ни беше страв да не ни се пушти коњот повторно – вели Филип Здравковски, жител на Бутел.

И ова не е единствен таков инцидент. И возачите велат дека коњите знаат да предизвикаат хаос во сообраќајот, особено доколку некој е доволно трауматизиран од сопствениците, па доживее некаков страв додека се движи по улицата.
– Верувајте ми, кога ќе видам запрежна кола на улица, јас бегам, затоа што коњ ми скокна со двете предни нозе на автомобилот и ми го искрши ветробранското стакло. Неговите копита беа во скутот на жена ми. Оттогаш ги избегнувам таквите возила, затоа што не сакам повторно да доживеам таква траума – вели Благоја Трајковски.
За граѓаните, сепак, најжално е што коњите се измачуваат и што се малтретирани од страна на нивните сопственици.
– Гревота е да се гледаат коњите снеможени, со видлива неухранетост и со рани по телото од ќотекот што секојдневно го добиваат. Затоа и толку често низ улиците се соочуваме со паднати и колабирани коњи, кои биле доволно несреќни да добијат бездушни сопственици – вели Тања Вељанова.
Градските власти велат дека во овие случаи интервенираат на база на неколку основи.
– Во случаите со коњи, ние како институција интервенираме на неколку основи за овие прашања. Ако животно (во случајов коњ) почине на јавна содржина, екипи на јавното претпријатие „Комунална хигиена“ ја подигнуваат мршата – информираат оттаму.

Од градот додаваат дека во случаите кога коњи шетаат слободно низ јавни површини и паркови, ги заловуваат и транспортираат.
– За случаи со коњи што слободно шетаат по паркови и јавни површини, ЈП „Комунална хигиена“ набави приколката за превоз на крупен добиток (сега предадена на ЈП „Лајка“). Оваа приколка се набави по иницијатива на месните заедници и на граѓаните, бидејќи имаше многу случаи кога коњи шетаа по јавните зелени површини и по жардиниери низ градот, а имавме проблем како да ги пренесеме од местото на заловување до местото одредено за престој – велат оттаму.
Градските власти велат дека за изминативе години неколкупати е интервенирано за вакви ситуации, но никој не се појавил да ги подигне животните.
– Во голем број случаи никој не дојде да ги подигне животните, по што тие беа однесени во резерватот во националниот парк Јасен – информираат надлежните.

[email protected]