Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со години пред поликлиниката на Бит-пазар секој вторник и петок се лоцира див пазар за продажба на живина. Иако несвојствено за градска средина, сепак на тротоарската површина токму пред здравствената установа шетаат петли и кокошки, а метежот од продавачи е дополнет со големиот број кафези со разни гулаби и други видови птици, наредени по должината на оградата на поликлиниката. Можеби никаде, ама баш никаде во светот не би можеле да најдеме сличен пример, на еден градски булевар како што е Крсте Мисирков да се продава и живина.

Речиси е чудно што никој од надлежните не реагира на сево ова, па се добива впечаток дека дивиот пазар се одомаќинил и никој ништо не му може. Па, всушност, тој постои со години. Многупати на оваа појава реагирале и здравствените работници од поликлиниката, негодуваат и граѓаните, ама штом дојдат вторник или петок по тротоарот повторно шетаат петли и кокошки. Малку погоре на мостот и кон таканаречената Пластичарска улица или улицата Никола Карев, за секој Курбан-бајрам се отвора и пазарот за стока, односно од камиони се продаваат јагниња и друг добиток. Продажбата на диво во овој дел од градот постојано цвета и никој не може да ги избрка дивите продавачи. Ги прашавме во општината Чаир што можат да направат во врска со пазарот за живина, кој опстојува со години. Оттаму ни посочија дека мора најпрвин да видат дали можеби треба да постапат заеднички со градот или, пак, градот треба да преземе соодветни мерки затоа што живината се продава на градски булевар.

Градските власти, пак, велат дека заедно со општината Чаир и со поддршка на занаетчиите од Старата скопска чаршија преземаат обврска пред граѓаните да ги ослободат улиците и тротоарите на Бит-пазар од сите препреки.

– Навистина многупати сме реагирале за продажбата на живина пред поликлиникава, но се чини никој ништо не презема. Од друга страна, пак, се прашувам зошто ние како здравствени работници би требало да реагираме, зошто тоа по службена должност не го направи општината Чаир. Надлежните оттаму треба да реагираат и да го расчистат тротоарот од сета таа живина што се продава секој вторник и петок. Па тука со години е тој див пазар пред очите на сите инспектори и ако тие не реагираат попусто се сите наши поплаки и дописи – вели вработена во поликлиниката „Бит-пазар“.

Од општината Чаир не можеа да ни кажат дали воопшто стигнал до нив некаков допис од поликлиниката „Бит-пазар“.

– Градот Скопје и општината Чаир со поддршка на занаетчиите од Старата скопска чаршија и Комората на трговци на Република Македонија презедоа обврска пред граѓаните да ги ослободат улиците и тротоарите на Бит-пазар од сите препреки што му пречат на нормалното одвивање на сообраќајот во кој учествуваат моторните возила, велосипедистите и пешаците на Бит-пазар. За таа цел, минатиот март се спроведе голема акција за отстранување на дивите продавачи и импровизирани тезги, а на овој простор се изградија нови пешачки и велосипедски патеки, беа поставени столпчиња, засадени се повеќе дрвореди од ТЦ „Мавровка“ до Бит-пазар, а се уреди и нова такси-станица. Дополнително, градот Скопје изгради и нов простор за продажба на цвеќе каде што во соработка со „Скопски пазар“ за сите трговци со нелегално поставени тезги на овој потег се обезбеди простор во рамките на Бит-пазар под одредени поволни услови – велат од градот.

На надлежните останува да се справат со пазарот за живина, кој воопшто не му прилега на еден градски булевар.

[email protected]