Топлификацијата „Скопје Север“

Од општината Чаир, пак, велат дека испораката на топлинска енергија им била прекината неоправдано, затоа што долгот што го имале кон претпријатието уредно си го плаќале на рати и досега биле намирени сите договорени месечни рати

Со медијација на Регулаторната комисија за енергетика, топлификацијата „Скопје Север“ го реши проблемот со „Макпетрол пром-гас“ и обезбеди гас за да испорачува топлинска енергија до потрошувачите. Но за колкав период и дали може повторно да се случи потрошувачите да останат без греење, од претпријатието не сакаа да коментираат. Наместо одговор, ни го испратија известувањето за прекинот на топлинската енергија, кое „Скопје Север“ АД – Скопје го испратила во петокот до општината Чаир, а сега вели дека во целост е неважечко од причини што во него се објавени погрешни факти. Во известувањето „Скопје Север“ АД ѝ се извинува на општината Чаир за прекинот во испораката на топлинската енергија. Од општината Чаир, пак, велат дека испораката на топлинска енергија им била прекината неоправдано затоа што долгот што го имале кон претпријатието уредно си го плаќале на рати и досега биле намирени сите договорени месечни рати.

Но покрај општината Чаир, без греење викенов останаа и други правни лица и граѓани, иако ги имаа намирено сметките однапред, а причината беше што претпријатието имаше проблем да обезбеди гаранција за плаќање на обврските. Од петокот до вчера со студени радијатори останаа како физичките така и правните лица, градинките, училиштата и фирмите, корисници на оваа топлана. Во јавноста и од „Скопје Север“ потврдија дека снабдувањето со топлинска енергија до потрошувачите беше прекинато во петокот, затоа што „Макпетрол пром-гас“ им го прекина снабдувањето со природен гас, поради проблем во начинот на обезбедување гаранција на плаќањето. Сега проблемот е надминат и испораката на топлина до граѓаните и до правните лица тече непречено.

Прекинатата испорака на топлинска енергија ги натера граѓаните деновиве да бараат нови начини на загревање, а тоа, пак, им направи дополнителни трошоци. Оние, пак, што немале други грејни тела за загревање, велат дека се мрзнеле во утринските и во вечерните часови, а на нивна страна единствено биле повисоките дневни надворешни температури. Најголем проблем имаа семејствата со мали деца и стари лица, на кои загревањето на домот во овие доцни есенски денови им е неопходно. Инаку топлификацијата „Скопје Север“ веќе неколку години се бори за опстанок, а значително е намален и бројот на корисници. Од 96 потстаници сега во работна позиција имаат потстаници во само 39 објекти. На крајот на 2017 година имаа само 469 корисници, а сега имаат околу 467 корисници на топлинска енергија.

– Ве информираме дека во петокот испорачателот на природен гас го прекина снабдувањето со природен гас и поради тоа не бевме во можност да обезбедиме континуирана испорака на топлинска енергија. „Скопје Север“ АД – Скопје во целост ги има платено досега испорачаните количества природен гас, односно во моментов нема долг кон „Макпетрол пром-гас“. Проблемот е во начинот на обезбедувањето на гаранцијата за плаќањето, За решавање на тој проблем „Скопје Север“ АД – Скопје и општината Чаир имаа состанок на 13 ноември 2018 година и заедно со „Макпетрол гас“ на 19 ноември годинава во Регулаторната комисија за енергетика. Во текот на вчерашниот и денешниот ден се прават интензивни контакти помеѓу „Скопје Север“ АД – Скопје и општината Чаир и „Макпетрол пром-гас“ за надминување на проблемот и како резултат на овие напори „Макпетрол пром-гас“ даде налог за приклучување на „Скопје Север“ АД – Скопје на системот за дистрибуција на природен гас на 25 ноември во 12 часот за во следната работна недела да се обезбеди гаранција за плаќање на природниот гас – стои во вчерашното соопштение на топлификацијата „Скопје Север“. И од Регулаторната комисија за енергетика ни потврдија дека биле медијатори за решавање на проблемот помеѓу топлификацијата и „Макпетрол пром-гас“.

– Проблемот е веќе надминат и се обезбедени се пари плаќање на гаранцијата кон „Макпетрол пром-гас“. Бевме медијатори во омекнувањето на ставовите помеѓу фирмите, организиравме работни состаноци и проблемот е решен. Со овој договор помеѓу нив е обезбеден гас и потрошувачите ќе добијат топлинска енергија – рече Марко Беслимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.

И од општината Чаир велат дека проблемот е надминат, но дека топлификацијата се бори за опстанок и дека долгот од неплатените сметки од физичките и од правните лица за нив е пресуден дали ќе имаат пари да обезбедат гас.

– Топлификација „Скопје Север“ имаше тенденциозен обид да ја префрли вината врз општината Чаир, како причина за прекинатата испорака на топлинска енергија. Но општината, според веќе потпишаниот договор, заостанатиот долг уредно го отплаќа рати и сите уплати навремено се уплатени во банките – рече Куштрим Алла, одговорен за информирање во општината Чаир.