Министерството за информатичко општество и администрација не е надлежно да издава дозволи во услови на ограничено движење на вработените во ЈП „Комуналец“, соопштија од министерствотo по реакции од јавноста дека контејнерите во повеќе скопски општини денеска биле преполни и дека и околу нив имало отпад.

Од таму демантираат дека вината зошто ЈП „Комуналец“ не се погрижило за хигиената во градот Скопје за време на викендов што помина, а во текот на кој целосно беше забрането движење, е кај нив.

– Го повикуваме раководството да постапи по насоките од Кризниот штаб на Владата на Република Македонија, каде јасно е наведено дека претпријатија од профилот на ЈП ‘Комуналец’ работењето за време на полициски час едноставно само го најавуваат на 192 – велат од МИОА.

Од таму велат дека оваа информација јасно е наведена во соопштението објавено од МИОА, каде што стои дека во категоријата дозволи за движење со јавување во МВР на 192 влегуваат: вработени во агенции за обезбедување и чуварски служби, вработени во сервисни компании (ЕВН, телекомуникациски и кабелски оператори, јавни и комунални претпријатија).

– Очекуваме и се надеваме дека направената грешка овој викенд брзо ќе биде поправена и дека нема да биде повторена – велат од Министерството.