Повеќе се казнува или се фрла повеќе ѓубре од лани? - Фото: Игор Бансколиев

Комуналните редари на градот Скопје за периодот од јануари до мај годинава изрекле вкупно 649 казни за фрлање ѓубре на јавна површина. Во споредба со истиот период од претходната година кога биле изречени 149 мандатни казни, како што истакнуваат градските власти, тоа претставува четирикратно зголемување на бројот на изречените казни. Од бројкиве, секако, не може да се заклучи дали комуналните редари повеќе работат од лани или, пак, граѓаните повеќе фрлаат ѓубре каде што не му е место. Останува само фактот дека градот е многу валкан и можеби ќе стане почист само ако има казни.

– Комуналните редари на градот Скопје изминатиов период ги засилија контролите на терен што резултира со зголемување на казните и опомените и со видливи резултати, значително подобрени во однос на претходните години – велат од градот Скопје. Оттаму потсетуваат дека Законот за јавна чистота предвидува забрана за фрлање и оставање градежен шут на јавните површини, фрлање и оставање различни видови отпадоци, оставање стари предмети од домаќинство, палење, закопување и уништување отпад, како и многу други одредби што граѓаните ги прекршуваат.

Исто така, потсетуваат и на забраната за вклучување во сообраќај на моторни, влечни и запрежни возила од стоваришта или градилишта со валкани тркала, палењето и уништувањето на садовите за собирање отпад, како и на уништувањето на урбаната и друга опрема, како клупи, фонтани, билборди, опрема на детски игралишта и друго. Од градот потсетуваат дека за непочитувањето на некои од одредбите на овој закон се предвидени казни од 50 евра.