Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ упатува апел до граѓаните заедно да ги заштитат чистотата и убавината на главниот град.

Ова го велат оттаму затоа што секојдневно расчистуваат диви депонии настанати како резултат на несовесното однесување на граѓани.

– Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје седум пати во неделата, во три смени, го собираат и го транспортираат комуналниот отпад од скопските домаќинства и стопанските субјекти и истовремено ја одржуваат хигиената на јавните и сообраќајните површини, што подразбира нивно метење и миење. И покрај фактот што тоа не е наша примарна обврска, секојдневно расчистуваме диви депонии. Неодамна влеговме и во дворовите на студентските домови и училиштата, каде што расчистивме огромни количества наталожен отпад, сѐ со цел хигиената и чистотата во градот да се издигнат на највисокото можно ниво.

Но ниту една наша активност не е доволна без вашата поддршка – апелираат од претпријатието до граѓаните.

Тие велат дека доколку граѓаните својот стар мебел го оставаат насекаде, градежниот отпад го фрлаат на јавните површини и свесно ги опожаруваат контејнерите, градот Скопје никогаш нема да стане достоинствено место за живеење.

Токму поради тоа од претпријатието апелираат до граѓаните правилно да го фрлаат својот отпад, да не создаваат диви депонии што ја загадуваат животната околина, да не ги уништуваат садовите наменети за фрлање отпад и на тој начин да ги заштитат и зачуваат чистотата и убавината на своето и нашето Скопје.