Најголем број поплаки на потрошувачите годинава се однесуваат на остварувањето на нивното право за замена на купените технички производи со недостатоци и за производи кај кои веднаш се појавил недостаток. Според податоците од Организација на потрошувачи, најголем број од овие проблеми се однесува на сервисирањето технички производи.

– Во однос на техничките производи, најголеми проблеми потрошувачите имале со мобилните телефони. Најчестите проблеми кај телефоните се континуираните сервисирања на еден ист производ повеќе од трипати за кој потрошувачите тврдат дека има фабричка грешка, односно дека не може да се поправи поради тоа што недостатокот континуирано се појавува – велат од ОПМ.

Исто така има случаи кога мобилниот телефон што го добил потрошувачот се расипува во првите неколку часа од употребата. Потрошувачите одбиваат тој да се сервисира и бараат нов производ од трговецот, но не можат да добијат. Не се ретки ниту случаите кога производите се расипуваат веднаш штом ќе им истече гарантниот рок. Се поставува прашањето дали производителите ги програмираат уредите намерно да се расипуваат? Има ли разлика во квалитетот на производите на Балканот и оние во другите земји?

Познато е дека судот во Италија неодамна ги казни компаниите „Самсунг“ и „Епл“ по пет милиони евра, бидејќи ги имаат програмирано уредите да ја забавуваат работата, при што корисниците се принудени да купат нови и поскапи телефони. По повод оваа најнова пресуда од Италија, се појавија заштитниците на потрошувачите на ниво на Европската Унија. Хрватската претставничка во Комитетот за внатрешен пазар и заштита на потрошувачи, Билјана Борзан, упати апел до Европската комисија за итно забранување на програмираното расипување на уредите во Европската Унија. Слична е практиката и за други видови технички уреди во ЕУ, така што во Франција на пример законот забранува програмирано расипување на уредот. Во Австрија постои ознака што им се доделува на уредите што траат подолго и се поправаат полесно, а во Шведска потрошувачите што носат уреди на поправка дури и добиваат можност за даночно олеснување.

– Дури 92 проценти од француските граѓани сметаат дека производите што ги купуваат се програмираат пократко да траат, односно да се расипат веднаш по истекот на гаранцијата. Студиите покажале дека машините за перење се програмирани да работат до одреден број вртежи, телевизорите во неколку илјади работни часови, а печатачи до одреден број примероци, потоа се расипуваат и бидејќи не постојат резервни делови, ние сме принудени да купиме нов модел – смета Борозан.

Минатата година Европскиот парламент усвои извештај за продолжување на животот на уредот. Како што објаснува, беа усвоени нивните предлози за забрана на програмирано расипување и поголема достапност на резервни делови на пазарот, како и воведување етикета за минималниот рок на траење на уредот. За жал, комисијата досега не направи многу и земјите-членки сѐ уште треба сами да се борат за ова прашање.