Во Скопје веќе се појавија комарците, а дезинсекција уште нема. Градските власти имаат издвоено околу 30 милиони денари за нивно уништување, но сѐ уште немаат избрано фирма што ќе ја реализира дезинсекцијата. Лани поради ненавремената дезинсекција, комарците толку се намножија, што цело лето скопјани глава не кренаа од овие досадни инсекти. Додека градот Скопје врши евалуација и ја избира најдобрата понуда, а првата дезинсекција ја планира некаде за мај, во Гевгелија веќе е извршено прскање против ларви од комарци. Надлежните служби оттаму најавија дека до 15 април ќе се изврши уште едно теренско ларвицидно прскање, а доколку се утврди потреба, ќе биде спроведено и трето теренско прскање.

– Градот Скопје годинава на 4 февруари распиша оглас за јавна набавка за превентивна дезинсекција против возрасни форми на комарци и против ларви од комарци и таа траеше до 21 март. Во моментов се врши евалуација на пристигнатите понуди, по што веднаш ќе се потпише договор и ќе започне дезинсекцијата. Стандардно, прскањето против комарци се врши од земја и авионски, а предвидено е прскање против ларви на комарци и против возрасни комарци. Предвидено е пет пати да се изврши авионска дезинсекција во периодот мај – септември, како и трипати против ларви од комарци, започнувајќи од април – информираат од градот.

Дезинсекцијата од земја исто така ќе се врши пет пати против возрасни форми од мај до септември, како и трипати против ларви од комарци започнувајќи од март-април.