Од градот тврдат дека на страната на Шуто Оризари има техничка грешка

Наједноставен начин да се најдат сите веб-страници на скопските општини на едно место е преку веб-страницата на градот Скопје, www.skopje.gov.mk, со кликање на графата општини

Функционирањето на општинските веб-страници е важно за да се информираат граѓаните, но и новинарите што постојано ги следат општинските активности. Наједноставен начин да се најдат сите веб-страници на десетте скопски општини на едно место е доколку се отвори веб-страницата на градот Скопје, www.skopje.gov.mk. Во левиот дел, со кликање на графата „Општини“, се отвора прозорец на кој се појавуваат имињата на десетте скопски општини со нивните грбови, како и знакот на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС). Со кликање на која било општина се отвора нејзината веб-страница, освен на општината Шуто Оризари. Всушност, страницата на оваа скопска општина никогаш и не профункционира, откако официјално е отворена веб-страницата на градот. Зошто е тоа така и зошто досега никој реагирал ниту од градот Скопје ниту од општината останува нејасно. Од Шуто Оризари нема конкретно објаснување зошто е тоа така, иако ни беше речено дека допрва ќе го направат тоа, но истакнуваат дека имаат своја на општината www.sutoorizari.com.mk. Од градот Скопје, пак, одговорија дека станува збор за техничка грешка, за која велат дека ќе биде коригирана во најбрз рок.

– Во актот за систематизација не се предвидени ниту сектор за информирање, ниту пак е предвидено работно место за лице односи со јавност. Причината не е во желбата на општината да не биде транспарентна. Напротив, транспарентноста се постигнува со директните контакти со раководителите на конкретните сектори, одделенија во зависност од предметот на интерес. Граѓаните се информираат и преку нашата постојна веб-страница и преку локалниот медиум ТВ Шутел, како и преку средби со членови од Советот. Зошто не функционира нашата општинска веб-страница преку веб-страницата на градот допрва ќе видиме и ќе направиме што е во наш домен таа да профункционира – вели Дончо Арсов, раководител на сектор за правни и административни работи, јавни дејности и финансии во општината Шуто Оризари. Тој додаде дека општината располага со многу мал буџет, а за сѐ се потребни пари.

Она што исто така може да се забележи на некои од општинските страници е дека некои од нив редовно се освежуваат со нови информации, што е секако добро за да се информираат граѓаните. Но има и такви што се ажурираат само одвреме-навреме и штом ќе се отворат, ќе се прочитаат одамна пласирани вести за одредени активности или настани од многу стар датум. Меѓу другото, покрај информациите што ги нудат овие страници, тие овозможуваат и комуникација на граѓаните со општинските власти, им даваат можност да постават прашања на своите градоначалници или соодветните служби за одредени проблеми што ги мачат. Најактивни се страниците на општините Центар, Карпош, Кисела Вода, Ѓорче Петров и Аеродром. Повремено своите страници ги ажурираат Гази Баба, Чаир и Бутел. Најнефункционална е веб-страницата на општината Сарај, на која којзнае од кога ништо не е ажурирано. Од друга страна, пак, иако страницата е двојазична, на албански и македонски јазик, на неа на одредени информации само насловите може да се прочитаат на македонски јазик, додека содржината на тие информации е пласирана на албански јазик.

Блерим Беџети, градоначалникот на Сарај, иако во една пригода ни изјави дека граѓаните му пишуваат за своите проблеми на општинската веб-страница, прашан зошто страницата нема македонски преводи, рече дека за тоа се одговорни техничките служби.

Веб-страницата на пример на општината Чаир функционира на три јазици, македонски, албански и англиски, а последната информација е објавена на 23 септември оваа година. Во општините со мешано население, каде што живеат повеќе ентитети, од особено значење е општинските веб-страници да бидат достапни на јазиците на кои зборуваат граѓаните што живеат во таа општина. Во спротивно, тие што не можат да се информираат за тековните активности на надлежните или не можат да комуницираат со нив по електронски пат, велат дека се чувствуваат дискриминирано.