Има граѓани што и понатаму физички ги допираат производите / Фото: Игор Бансколиев

Напливот на купувачи на зелените пазари, непосредно пред велигденските празници, ја зголемува опасноста од ширење на заразата. И покрај забраната за групирање на повеќе луѓе и препораките за држење дистанца меѓу луѓето, овие правила не се почитуваат од некои купувачи и пазарџии

Во пресрет на велигденските празници, граѓаните деновиве ги посетуваат зелените пазари за да се снабдат со прехранбени производи што им се потребни за да ја збогатат празничната трпеза, на која годинава поради пандемијата со коронавирусот ќе мора да бидат само во кругот на семејството. Сите итаат да се снабдат со салати, домати, портокали, јајца и сѐ што сметаат дека им е потребно. Големите пазари во градов, Бит-пазар, Зеленото пазарче, Буњаковец сѐ уште функционираат и во овие топли сончеви денови, дури станаа и доста посетени, но се забележуваат многу примери каде што луѓето воопшто не се придржуваат до препораките за заштита од коронавирусот.

Напливот на купувачи на зелените пазари ја зголемува опасноста од ширење на заразата, сметаат експертите. Евидентна е сликата деновиве и мошне е забележливо дека и покрај забраната за групирање на повеќе луѓе и препораките за држење дистанца меѓу луѓето, овие правила како воопшто и да не се почитува од некои купувачи, но и од некои пазарџии. Ниту се на одредено растојание едни од други ниту пак носат заштитни ракавици и маски, иако секој најпрво треба да се заштити себеси, за потоа да ги штити и другите. Многумина од купувачите, и во време на оваа пандемија, пред што било да купат не се откажуваат од навиката да ги допираат производите за да го проверат нивниот квалитет.

Имајќи го тоа предвид, во Министерството за здравство прашавме дали има посебни мерки за заштита на пазарите, од каде што до затворањето на весникот не добивме одговор. Но затоа, пак, од Здружението на пазараџиите и претставници на Комората на трговците велат дека посебни мерки нема и оти за нив важат истите мерки и препораки на Владата што важат и за граѓаните.

– Посебни мерки нема, но затоа мора да се почитуваат оние што веќе ги имаат донесено властите. На некои од зелените пазари нема ниту основни хигиено-технички услови, едноставно таква е поставеноста на зелените пазари. Сега може да се каже дека со модернизацијата на Бит-пазар условите се многу подобрени, но она што е евидентно во ова време на пандемија, е тоа што има продавачи, но и купувачи што не ги почитуваат мерките, па не носат ниту заштитни маски, ниту заштитни ракавици. Постојано разговараме со трговците и закупувачите на тезги да носат заштитна опрема и да не дозволуваат купувачите физички да ги допираат производите. Но 70 отсто од трговците не носат. Оваа здравствена криза забележливо ја намали заработувачката кај сите, па и кај пазарџиите, па поради тоа побаравме од „Скопски пазар“ намалување на закупнините за тезги и веќе добивме 30 отсто попуст.

Останаа да работат само продавачите на овошје и зеленчук, сите други, на текстил, на техничка стока, воопшто и не излегуваат на пазар. Но сега има еден друг проблем, граѓаните се жалат на високи цени на производите, кои навистина се повисоки, но на сметка на тоа што цените ги креваат големите доставувачи. Тука треба државата да интервенира, за да не профитираат во ова време на пандемија – вели Екрем Долек, претседател на Здружението на пазарџиите.

За да се заштитат и себеси и другите, некои од пазарџиите, кои засега се само осамени примери во градов, многу брзо се приспособија на новонастанатата ситуација, па се досетија да вршат онлајн-продажба, објавувајќи ги своите мобилни телефони и цените на производите што ги нудат на социјалните мрежи. Нарачките ги носат до вратата на потрошувачите по примерот на големите маркети.

На тој начин тие можат да остварат профит, а граѓаните ќе ги добијат потребните производи без да излегуваат од дома. Некои велат дека го направиле тоа по примерот на производителите на овошје и зеленчук во Словенија, кои исто така своите производи ги продаваат преку интернет, доставувајќи им ги директно на домаќинствата. И таму како и кај нас по прогласувањето на епидемијата и рестрикциите на движење, директно беа погодени и помалите производители на овошје и зеленчук, па и тие бараа нови начини на продажба, приспособени на актуелните состојби.

– Направивме иницијатива со продавачите на тезги во пазарчето Ченто да им предложиме ваква продажба, никој не беше заинтересиран. Сега им го затворија пазарот – напиша Дејан Димитровски, администратор на групата „Ѕид на Општина Гази Баба.