Фото: Маја Јаневска-Илиева / Архива

Токму летниов период Европската Унија спроведе масовна анкета за или против поместување на стрелките на часовниците. ЕУ, со прецизно формулирано еднозначно прашање, ги запраша своите граѓани дали се заинтересирани времето да не се менува на летно и на зимско. Исто така, дополнително, со педантно и чисто формулирано ново прашање, ЕУ ги запраша граѓаните кое сметање на времето би сакале да остане постојано: летното или зимското. Со ваквиот приод за изјаснување, многу граѓани на ЕУ ја прифатија оваа иницијатива, а дури два милиона луѓе се приклучија на онлајн-дебатата на веб-страницата на Европската комисија, која започна на 4 јули, а заврши вчера

Вчера заврши големата анкета на Европската Унија што има за цел да направи увид на јавното мислење на граѓаните од Европа за тоа дали граѓаните сметаат дека треба да се укине летното, односно зимското сметање на времето. Резултатите покажуваат дека преовладува ставот дека поместувањето на стрелките на часовникот ќе биде укинато. Останува енигмата како и кога точно би се случило тоа.

Токму летниов период Европската Унија спроведе масовна анкета и со прецизно и педантно формулирано еднозначно прашање ги запраша своите граѓани дали се заинтересирани времето да не се менува на летно и на зимско. Исто така, дополнително, во ново прашање, ЕУ ги запраша граѓаните кое сметање на времето би сакале да остане постојано: летното или зимското.
Многу граѓани од Европската Унија ја прифатија оваа идеја и околу два милиони луѓе се приклучија на онлајн-дебатата на веб-страницата на Европската комисија, која започна на 4 јули, а заврши вчера. Дали е ова почеток на една нова ера на сметање на времето?

– Сигурен сум дека летното и зимското сметање на времето ќе бидат укинати. Само уште не може да се прецизира кога ќе се случи тоа – изјави Михаел Тојрер, пратеникот на германските либерали во Бундестагот.

Тој и за време на својот мандат во Европскиот парламент сериозно се залагаше за укинување на досегашната практика. Тојрер е уверен дека од целосното укинување на летното и зимското сметање на времето Европската Унија ќе има само придобивки.

– Оваа иницијатива би можела да го зајакне единството во Унијата. Некоординираните промени на временските зони во ЕУ би биле многу штетни за заедничкиот трговски пазар, како и за патувањата и комуникацијата меѓу членките. Кога секоја нација членка на Унијата сама би одлучувала за тоа дали би продолжила со стариот систем на менување на времето или би ги имплементирала новите промени, тоа би создало хаос – вели претставникот на либералите од Германија.

Но кој е патот до имплементација на резултатите од истражувањето? Кога станува збор за кабестиот систем на ЕУ, патот до промени е долг и макотрпен. Евалуацијата на резултатите од испитувањето на мислењето на граѓаните ќе потрае извесен период, а тоа го потврди и канцеларијата на Европската комисија во Берлин. И експертите треба да го дадат своето мислење за оваа промена, пред да донесе препорака Европската комисија.

Јасно е дека воведувањето на зимското и летното сметање на времето во шестмесечен ритам не ги исполнува целите и првичните планови. Заштедата на електрична енергија е занемарлива, а тоа го признава и Европската комисија. Наместо какви било придобивки, со промената на времето на директен удар е биоритамот на граѓаните и тоа предизвикува тешкотии при спиењето, нервоза и проблеми со концентрацијата.
Едно од многуте прашања што се поставуваат е дали Европа вечно ќе остане само на летно или само на зимско сметање на времето и одговорот воопшто не е лесен. Во прилог на летното сметање на времето е зголемувањето на денот и тоа дека еден час повеќе со дневна светлина во денот овозможува повеќе време за работа на отворено. Учениците и работниците би можеле на дневна светлина да се враќаат дома, а спортските натпревари би се одржувале подоцна во денот.

Целата Европска Унија заеднички уште од 1996 година ги поместува стрелките на часовникот на шест месеци, а во Германија летното сметање на времето е воведено уште во 1980 година. Оттогаш, во последната недела во март стрелките на часовникот се поместуваат еден час понапред, а последната недела во октомври еден час наназад. Со последното истражување, првиот чекор е направен. Останува резултатите да бидат верификувани од надлежните институции во ЕУ, а потоа и спроведени во дело. Дали тоа ќе значи и имплементација на таа одлука и во Македонија, каде што сѐ уште не се направени ниту анализа ниту анкета и истражување на оваа тема, останува да видиме во наредниот период. С.Р.

Фото: Маја Јаневска-Илиева