Капките од клима-уредите завршуваат врз граѓаните - Фото: Маја Јаневска-Илиева

Техничарите за поставување на клима-уредите велат дека водата што истекува преку надворешните црева може да се канализира низ олуците и на тој начин проблемот се решава. Останува отворено прашањето зошто ваквите решенија не се практикуваат

Повеќето од клима-уредите немаат одвод или место за собирање на водата што ја испуштаат додека работат. На многу објекти во градов клима-уредите се поставени од надворешната страна и водата слободна капе од нив. Ова, секако, со години претставува проблем за случајните минувачи, а монтажерите не најдоа начин како да се канализира водата што истекува од уредите поставени на надворешните ѕидови на објектите. Техничарите за поставување на клима-уредите велат дека водата што истекува преку надворешните црева може да се канализира низ олуците и на тој начин проблемот се решава. Останува отворено прашањето зошто ваквите решенија не се практикуваат. На пониските катови, решението е да се користат садови за испусната вода, кои, пак, често треба да се празнат.

Во летниот период зачестено се користат клима-уредите и создаваат поголемо количество вода, бидејќи подолго работат. Токму поради ова капењето на клима-уредите врз минувачите треба и соодветно да се реши. За жал, не е секогаш така, а граѓаните честопати не можат око да склопат поради капењето на водата на лимовите од клима-уредите на соседите. Оние што го познаваат системот на работа на клима-уредите велат дека постојат неколку причини за истекување на водата од клима-уредите, но најчестата е негрижата на граѓаните, фирмите или институциите.

– При големите горештини во летниот период секој ден го слушам постојаното капење на водата од клима-уредот на соседот над мене. Му имав кажано уште одамна да најде решение затоа што навистина нема смисла, но тој не презема ништо. Истата вода завршува на мермерот пред влезот на зградата и потоа се лизга и човек може да се повреди. Во зимно време, пак, кога го користи клима-уредот водата замрзнува и повторно претставува проблем – вели жител од зграда во Козле.
Често се случува несоодветно поставените клима-уреди да испуштаат вода. Една од причините може да биде затнато или превиткано црево на кондензаторот. Други причини за ова може да се бараат во лошиот пад на клима-уредот. Тоа значи дека нема добар пад ниту цревото, односно надвор цревото е потопено во садот со вода или, пак, недостига фреон во клима-уредот, велат од фирма за продажба на клима-уреди.

– Водата што клима-уредот ја испушта претставува кондензирана вода. Во летното време кога климатизерот лади, внатрешната единица е ладна, па на неа се кондензира вода од воздухот, додека, пак, во зима, кога климатизерот грее, надворешната единица е ладна, па тогаш од неа започнува да излегува вода. Принципот на кој работи клима-уредот е преку регулирање на притисокот на фреонот. Гасовите при изложување на притисок можат да се сменат од гасна во течна состојба и обратно. При тој процес се намалува температурата. Ако сте забележале, кога ќе се испразни одеднаш цело шише дезодоранс тоа станува ладно. Тоа е тој процес на кој реагираат гасовите при менување на притисокот. Овој процес се користи за разладување во уредите како што се фрижидерите и клима-уредите – вели машинскиот инженер Кирил Тошески.
Количеството водата што се испушта од климатизерот е различно и зависи од влажноста на воздухот и од јачината на клима-уредот. Во летниот период производството на вода се зголемува и неретко се случува климатизерот да испушта и по еден литар вода на еден час, додаваат експертите.

Одводот што е поставен слободно од надворешната единица на клима-уредот и не е соодветно прицврстен, претставува можност да се појави проблем. При ветрови кондензираната водата може да заврши кај случајните минувачи или кај соседите. Но постои решение за овој проблем. Поедноставното е да се стави сад во кој ќе се собира водата, и тој ќе треба често да се заменува. Друго решение претставува одводот да се постави преку олукот, велат техничарите за поставување клима-уреди.