Една од најатрактивните атлетски дисциплини е штафетната трка, која се смета како врвен пример за одлична тимска работа и координација. Концептот за штафетниот маратон потекнува од античката Грција, каде голем број на курири пренесувале „пораки“ до одредена локација. Трките во античкото време биле многу модерни и уникатни, со што главната цел била да се донесе светиот пламен до одреденото место на ридовите. Со текот на времето, трките еволуираат и се менуваат.

На Олимпијадата и на другите светски атлетски настани, штафетната трка се изведува во тимови составени од четири натпреварувачи, кои трчаат 4 х 100 или 4 х 400 метри со палка која се смета за „сведок“, со што истата ја предаваат од еден тркач на друг, додека не стигне четвртиот тркач до целта. Последниот тркач во штафетата се нарекува „сидро“.

Во рамките на Виз Ер Скопски Маратон 2021, кој оваа година ќе се одржи по 17ти пат, влегува и штафетниот маратон – ЕУ за спорт. Маратонот се трча на 42.195 метри, со што трчањето се одвива со четири измени, каде првата измена трча 12км, втората измена трча 9км, третата измена трча 12км и четвртата измена трча 9км. Сите учесници во штафетата добиваат стартен број (без чип), а еден стартен број со чип се доделува на тимот. Стартниот број со чип го носи првиот натпреварувач од штафетата и потоа тој го предава на следниот натпреварувач.

Сите тимови на штафетниот маратон – ЕУ за спорт ќе добијат медали, односно последниот од тимот што ќе финишира, ќе ги добие сите четири медали за целиот тим. Овогодинешните медали за тимовите на штафетниот маратон – ЕУ за спорт се изработени со прекрасен дизајн, каде секој медал си носи засебна приказна од знаменитости на Град Скопје, но кога сите четири медали ќе се спојат делуваат како една целина.

Виз Ер Скопски Маратон 2021 ќе се одржи во недела, на 3 октомври. Стартот и целта на трката ќе бидат на платото пред главниот влез на Спортски центар Борис Трајковски, со што маратонот, полумаратонот и штафетниот маратон – ЕУ за спорт ќе започнат во 8:00 часот, а трката на 5 км ќе се трча со старт во 8:10 часот.

Виз Ер Скопски Маратон е во организација на Сојузот на спортови на Скопје, во соработка со Атлетски Клуб „Работнички“ од Скопје, а е под покровителство на Град Скопје, Делегацијата на Европска Унија и Агенцијата за млади и спорт.