Автомобилите на улицата Јуриј Гагарин цел на вандали Фото: Маја Јаневска-Илиева

За една седмица неколку автомобили на улицата Јуриј Гагарин завршија кој со по една кој, пак, дури и со три дупнати гуми. Нема одговор кои се сторителите, но полицијата мора да ги открие и најстрого да ги казни. За сечење, дупење гуми или гребење возила, според Кривичниот законик, е предвидена парична казна или казна затвор до три години

Сечењето автомобилски гуми со нож или дупење со шило е новата појава на вандализам, која веќе втора недела се случува во близината на Министерството за економија, на улицата Јуриј Гагарин. Веќе неколку автомобили досега завршија кој со по една кој, пак, дури и со три дупнати гуми. Некои од оштетените случајот го пријавиле и во полиција, иако се сомневаат дека сторителите ќе бидат најдени и најстрого казнети. Пријава за случувањето стигна и до нашата редакција од вработен во околните фирми. Се пожали дека некој му ги дупнал гумите на неговиот автомобили во близината на тукашната филијала на Комерцијална банка.
Кој им е мотивот на оштетувачите и за него и за нас остана прашање без одговор. Станарите од околните згради не сакаат многу да коментираат за случувањата, иако некои многу воздржано и кратко претпоставуваат дека можеби е за паркинг-простор. Дали вакви или слични случувања има и во други делови во градов, не добивме одговор од Министерството за внатрешни работи, од каде што, пак, беа децидни дека од почетоков на годинава досега на реонот од улицата Јуриј Гагарин во населбата Капиштец била евидентирана само една пријава за оштетен ретровизор од возило.

– Напоменуваме дека полицијата постапува по сите пријави доставени од граѓани или правни лица, но досега освен за посочениот случај, други пријави не се доставени до полициските служби – велат од МВР.

Иако се случува поради недостиг од паркинг-места на оваа сообраќајница во утринското брзање да се стигне на работа, некој да го паркира својот автомобил на коловозот на уличката што поминува покрај Комерцијална банка и претставува влез на паркингот зад Министерството за економија, не е решение како опомена за стореното да му се дупнат гумите на автомобилот. Граѓаните коментираат дека постојат служби што може да се повикаат да ги отстранат ваквите автомобили, но не да им се нанесува материјална штета на сопствениците на возилата.

Според Министерството за внатрешни работи, престапите како сечење, издишување гуми или гребење возила се опфатени во членот 243 од Кривичниот законик и претставуваат кривично дело „оштетување туѓи предмети“.

– Во овој член се вели дека тој што ќе оштети, уништи или стори неупотреблив туѓ предмет, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години. Ако штетата е од значителна вредност или предметите се добра под привремена заштита или културно наследство, сторителот ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години. Гонењето за делото се презема по приватна тужба – објаснуваат од МВР.

Во општините каде што е дозволено бесплатно паркирање се случува да се паркираат премногу возила во одредена област што нема доволно паркинг-места за локалните резиденти. Во други случаи се случува автомобили да се паркирани на несоодветни места и на тој начин да го отежнуваат движењето на другите учесници во сообраќајот. Ваквите случки ги револтираат локалните станари.

– Знам дека паркирањето зад Комерцијална банка на улицата Гагарин не е дозволено, тој паркинг е наменет за локалните станари, а другиве паркинг-места се случува да се зафатени. Затоа во одредени случаи го паркирам автомобилот во уличката што поминува покрај Комерцијална банка, во близината на Министерството за економија. Минатата недела, во четврток, во 12 часот, затоа што немаше место, го паркирав мојот автомобил во оваа уличка. Подоцна, кога се вратив околу 14 часот, за да го препаркирам автомобилот на друго место, видов дека ми се дупнати предната и задната гума од лева страна, некој ги дупнал со шило. Ова е втор случај годинава некој да ми ги дупне гумите на ова место. Пред некој ден видов друг автомобил што се паркирал таму и околу 11.30 часот и нему му беа дупнати гумите – вели вработен од една од околните фирми.

Од општината Карпош тврдат дека немаат пријави за дупнати гуми во овој реон, но дека имаат реакции од тамошните жители за недостиг од паркинг-простор, и тоа на неколку локации.

– Поплаки за дупнати и исечени гуми на автомобили кај Министерството за економија на нашите официјални комуникациски канали или со директни поплаки не сме добиле. Меѓутоа, за недостиг од паркинг-простор имаме реакции од граѓани на неколку дела на Карпош. Токму затоа, во подготвителна фаза сме на маалски изјаснувања за потребата од воведување регулација во паркирањето. Ова следува откако имавме поединечни иницијативи од граѓани, но и од заедници на станари, како на пример во Карпош 1 и слично. Од резултатите што ќе ги добиеме од ваквите маалски анкети, ќе можеме да ги проектираме и следните решенија во врска со начинот на обезбедување паркинг-простор на нашите граѓани – велат од општината Карпош.

Инаку, уличката на која со дупнати гуми завршија веќе неколку автомобили е единствениот влез што води до паркингот зад блокот од згради. Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, не се дозволува паркирање на место што би го оневозможило пристапот на друго возило, заради паркирање или излегување на веќе паркирано возило. Во спротивно, може да се повика пајак-служба за да се отстрани непрописно паркираното возило. Сепак, оштетувањето туѓ автомобил во која било форма, не е само неодговорна и несовесна постапка туку е и чин казнив со закон.