Кејот „13 Ноември“ сѐ уште личи на прометна сообраќајница, бидејќи по него во делови од денот има повеќе автомобили отколку пешаци. Иако треба да е само пешачка зона за граѓаните, тој е окупиран од автомобили што сообраќаат по него од едниот до другиот крај, а ги управуваат несовесни возачи. И не само што поминуваат туку кејот го користат и како паркиралиште близу кафулињата, па со тоа ги вознемируваат и угостителите. Најголем метеж од паркирани автомобили се создава особено во викендите, кога посетата на угостителските објекти е поголема.

Ниту полицијата, ниту општинските, ниту пак градските власти досега не го решија проблемот со возилата што го узурпираат кејот. Не помагаат ниту рампи ниту хидрауличните столпчиња за оние што решиле да го „освојат“ со својот миленик на четири тркала. Атаката на овој дел од градот никако да престане, а скопјани одамна ја загубија таа градска пешачка зона на кејот.