Екипи на Градот Скопје и на Општина Карпош денеска почнаа голема акција за расчистување на децениските депонии зад Спортскиот центар „Борис Трајковски“, на кејот на реката Вардар. Расчистувањето на просторот се очекува да трае околу 10 денови, а на истото место ќе биде изграден парк кој ќе биде наречен Градски парк 2.

-Оваа дива депонија претставува повеќедецениски горлив проблем. Почнала да се формира со одлагање на урнатините по катастрофалниот земјотрес во Скопје уште во 1963 година. Повеќе генерации градски и општински градоначалници го игнорирале проблемот, а за жал некои од нив продолжиле да го одлагаат отпадот на оваа локација. Сега, заедно со Општина Карпош конечно најдовме решение за овој проблем и со тоа почнуваме со реализацијата на уште едно од нашите предизборни ветувања. Денеска го почнуваме чистењето на оваа депонија, после што ќе следува покривање на површината. На ова место ќе подигнеме парк на површина од над 90.000 квадратни метри, над девет хектари, кој ќе го наречеме Градски парк 2“- изјави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Тој додаде дека новиот парк ќе биде подигнат со донации од општествено одговорни компании при што трошоците на Град Скопје и на Општина Карпош за подигнување на овој парк би биле незначителни во однос на неговата реална вредност.