Преку три нови проекти ќе се подобрува енергетската ефикасност и ќе се намали енергетската сиромаштија во општината Карпош. Локалната самоуправа потпиша меморандум за соработка со здружението за хумано домување „Хабитат Македонија“.

Преку проектот „Ком Акт“ ќе се спроведува тригодишна активност за намалување на енергетската сиромаштија, со конкретни пилот-проекти за подобрување на резиденцијалната енергетска ефикасност. Генералната цел на проектот е да овозможи интервенциите што имаат висока цена и големо влијание да се пренасочат кон интервенции што имаат ниска цена и прифатливи решенија за сиромашните граѓани.

Во вториот проект „Ексајт“, акцентот е ставен на рационално искористување на енергијата и употреба на обновливи извори на енергија. Поконкретно, ќе ѝ се овозможи на локалната самоуправа да стане подоверлив партнер на компаниите, инвеститорите и истите тие да бидат помотивирани за користење на енергетско-ефикасни материјали.

Третиот проект „Енерџи межрс“ овозможува поголемо вклучување на домаќинствата со средни и ниски приходи. Со проектот се поддржуваат истите тие да ги променат односот и свеста за користење на електричната енергија. Предвидено е креирање предлог за бизнис-модел, политики и промени во управувањето, со кои институционалниот контекст ќе се направи полесно достапен за намалување на енергетската сиромаштија.

За реализацијата на овие, но и други проекти во оваа област, Општина Карпош планира формирање ресурсен центар за енергетска ефикасност и совети. Тоа ќе биде локалната точка од каде што граѓаните ќе имаат постојан извор на информации поврзани со обновливите извори на енергија и енергетската ефикасност во домовите.