Општината Карпош во учебната 2018/2019 година ќе ангажира лични асистенти за учениците со посебни потреби, за сите основни училишта што се наоѓаат во нивната територија. Улогата на личните асистенти е на учениците со посебни потреби да им овозможат полесно следење на наставата и совладување на училишните обврски.
За реализација на проектот, општината Карпош потпиша меморандуми за соработка со директорите на десет основни училишта.

Ангажираните асистенти треба да се невработени и ќе работат со скратено работно време. Преку оваа можност младите лица ќе можат да стекнат нови вештини и да излезат на пазарот на трудот.
Градоначалникот Богоев посочи дека овој проект претставува вистинска поддршка за учениците со посебни потреби, но и можност невработените лица да можат да бидат поконкурентни и да им се понудат подостоинствени услови за живот.

– Општината ќе продолжи да работи на подобрување на условите за лицата со посебни потреби. Тоа ќе го правиме и преку поставување пристапни рампи пред влезовите во образовните установи, но и наменски, со сензорни соби во дел од училиштата, за овие ученици полесно да ја следат наставната програма – рече Богоев.
Проектот за ангажирање лични асистенти за учениците со посебни потреби е во соработка со Програмата за развој на Обединети нации (УНДП), Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување. Х.Ј.