Општината Карпош во новата, 2019 година ќе почне со буџет од околу 911 милиони денари, или приближно 14,8 милиони евра. Во споредба со последниот ребалансиран буџет, овој е „пократок“ за 477,6 милиони денари или 7,7 милиони евра. На последната седница на советот на Карпош, советниците беа едногласни дека тој е скроен во „реални рамки“.

Инаку, ваквата рационализација на буџетот дојде по дополнувањето на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, кој го подготви Министерството за финансии, со кој на општините им се стави ограничување на зголемување на буџетите најмногу до 10 отсто од просечно остварените приходи во последните три години.

– И покрај тоа што во следната година почнуваме со „штедлив“ основен буџет, според зборовите на градоначалникот Стефан Богоев, вратите за капитални инвестиции во општината не се затворени, туку, напротив, општинската администрација ќе работи и веќе работи на подготовка на проекти за улици и патишта, за изградба на фекална и атмосферска канализација, кои очекуваме во целост да се финансираат од Владата на Република Македонија – велат од општината Карпош.

На седницата виза добија и низа предлог-програми, како на пример од областа на екологијата и енергетската ефикасност, за активностите на локалната самоуправа во областа на развојот на општината, за уредување на градежното земјиште на подрачјето, за изградба, редовно и инвестициско одржување сервисни и станбени улици и локални патишта и други.