Инклузивна сликовница-буквар е подготвена на кирилска, знаковна и Брајова
азбука за децата од прво одделение. Станува збор за литературно дело што е подготвено од Гордана Симоновска-Момироска, а за тоа даде поддршка и Општина Карпош.
Инклузивниот буквар овозможува поедноставно учење на македонската азбука и подготовка на учениците за основно образование. Тој поттикнува и двонасочна комуникација, а со креативните илустрации се овозможува и развој на когнитивните вештини, вклучувајќи и на децата со попреченост. Инклузијата во овој случај подразбира дека сите деца имаат можност да учат од ист буквар и паралелно да дознаваат за различностите, кои не треба да претставуваат пречка туку мотив за соработка и поголемо другарство меѓу младите.
Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, имаше средба со авторката Момироска. Тие разговараа и за другите активности што локалната самоуправа ги презема на полето за детска заштита и унапредување на правата на лицата со попреченост.
– Во општината Карпош имаме три инклузивни детски игралишта (во Влае 2, Тафталиџе и Карпош 2), а постојано работиме и на опремување на сензорните соби во основните училишта. Со овој инклузивен буквар, само дополнително се уриваат бариерите и се овозможуваат еднакви услови за учење на сите деца. Сепак, на ова поле имаме уште многу работа – рече Богоев.
Оваа инклузивна сликовница ќе биде достапна и во училишните библиотеки на територијата на Карпош, а од училиштата може да ја набават и сите родители.