Станарите да го подигнат нивото на хигиена во зградите - Фото: Игор Бансколиев

Заедниците на станари имаат обврска за одржување на хигиената во својата зграда, како и просторот пред зградата, вклучувајќи редовна дезинфекција и дератизација на објектите. За жал, некои станбени згради заборавиле на грижата за хигиената во колективниот објект на живеење

И локалната самоуправа се вклучи во борбата против коронавирусот

Ако здравјето ни зависи од личната и колективната хигиена, тогаш неминовно е да имаме и чисти колективни објекти, чисти станбени згради во кои живееме. За жал, во многу од објектите уште од влезовите може да се види дека некои станари ја запоставиле грижата за чистотата на скалилата, подрумите и другите простории од заедничкото живеење. Да се подигне нивото на хигиена во влезовите на зградите, подрумите и гаражите на куќните совети им порача и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев. Но добро е оваа препорака да ја прифатат сите куќни совети и управители на станбени згради од сите скопски општини, но и пошироко. Во овие услови сега хигиената е најважната превентивна мерка во борбата со коронавирусот. Не е доволно само комуналните претпријатија да ги мијат улиците и да ги дезинфицираат контејнерите и микролокациите на кои се поставени садовите за смет, мора да се вклучат и граѓаните. Затоа, сите станари кои не можат да се пофалат со чисти скалила, подрумски простории и заеднички делови во колективните објекти за домување ќе треба да се потрудат да ги исчистат, да блеснат сите површини што се полни со нечистотија, со заборавени стари предмети по катовите и подрумите. Дезинфекција на објектите пак ќе придонесе за нивното сопствено и колективно здравје. Меѓу другото, зголемено одржување на хигиената и во зградите е еден од предусловите за поголема заштита од ширење на коронавирусот. Токму затоа сега се на потег граѓаните.
– Иако колективните објекти, зградите, не се јавни објекти, туку се во сопственост на станарите, сакам да апелирам на зголемена хигиена во влезовите на зградите, подрумските и гаражните делови, како и сите други делови од зграда што спаѓаат во заедничка сопственост на станарите – се вели во дописот на градоначалникот Богоев.
Од Општина Карпош информираат дека во прилог на писмото до куќните совети, испратени се и препораките од надлежните институции, со намера тие да бидат поставени на огласните табли на влезовите и граѓаните да бидат информирани за мерките.
Жителка на Општина Кисела Вода, од зграда А3 на улицата Михали Чаков, вели со одлука на станарите и во соработка со управителот на станбена зграда веќе ги дезинфицирале заедничките простории. Таа вели дека во вакви услови не можат да чекаат сѐ од општината.
– Денеска Центарот за јавно здравје, во соработка со Општина Кисела Вода, почна со активности за дезинфекција во сите објекти на двете јавни детски градинки, основни и средни училишта, лоцирани на нашата територија. Работните активности за превенција и заштита на јавното здравје и здравјето на граѓаните од коронавирусот ги вршиме врз основа на заклучоците и препораките донесени од Владата и Министерството за здравство – велат од Кисела Вода.
Општина Гази Баба исто така упатила апел до сите куќни совети да се зголеми нивото на хигиена во влезовите и во лифтовите, како и заедничките простории во зградите.
– Заедниците на станари имаат обврска за одржување на хигиената во својата зграда, како и просторот пред зградата, вклучувајќи редовна дезинфекција и дератизација на објектите. Општината стои на располагање преку ЈКП Гази Баба да им излезе во пресрет на заедниците на станари доколку има потреба од ангажирање дополнителни лица. Како мерка што може да се преземе од општината во наредниот период е дезинфицирање колективен објект во кој во согласност со добиените информации од Министерството за здравство има лице што е во самоизолација – објаснуваат од Општина Гази Баба.
Од Регулаторната комисија за домување велат дека станарите сами треба да донесат одлука дали во вакви услови ќе дезинфицираат.
– Ние како регулаторна комисија за домување не сме обврзани да бараме од станарите да дезинфицираат, за тоа може одлуки да носат локалните власти. Ние како регулатори не сме обврзани да носиме вакви одлуки. Ние само вршиме координација помеѓу управителите и станарите – рече Ракип Малоски, претседател на Регулаторната комисија за домување.
Останува на станарите да одлучат што поскоро да го подигнат нивото на хигиената во зградите во кои живеат.


Станарите можат сами да дезинфицираат

Станарите можат и самите да се организираат да дезинфицираат со хлорен препарат, откако ќe ги исчистат зградите, влезовите и подрумите од стари предмети. Со хлорно средство можат и неколкупати во денот да ги чистат кваките на влезните врати, копчињата на лифтовите и сите други површини.
– Вработените од Службата за дезинфекција, дезинсекција и дератизација периодов се преоптоварени, бидејќи се дезинфицираат, градинки, училишта, а само неколкупати во денот се дезинфицира Инфективната клиника. Затоа станарите на станбените згради да се организираат и да си купат хлорен препарат во форма на таблетки. Една таблетка се раствора во 10 литри вода. Течноста се полни во пумпа, која за ова количество раствор може да се купи за околу 600 денари, а потоа станарите можат да прскаат и по неколкупати во денот. Но нема да постигнат никаков ефект ако претходно механички не ги исчистат подрумите и скалилата од стари предмети, кои ги чуваат со години -објаснуваат од Центарот за јавно здравје – Скопје.